МАН: На новинарскиот збор да се одговори со збор, а не со апсења и прогон

На новинарскиот збор да се одговори со збор, а не со апсења и прогон, беше мотото на денешниот протест организиран од страна на Македонската асоцијација на новинари( МАН) пред Јавното обвинителство, како реакција на обвинителниот акт за оддавање службена тајна во предистрага против Александар Митовски од порталот Инфомакс.

 

Претседателката на МАН, Ивона Талеска тврди дека по ваквите постапки на Јавното обвинителство Македонија заедно со Турција се црни точки во Југоисточна Европа за медиумските слободи.

 

„Се водат над 60 предистраги, истраги, закани за испрашувања, обвиненија, како и процеси против медиуми коишто не се блиски на актуелната владејачка структура. Тој прогон го правеше и СЈО, а сега го прави и Јавното обвинителство. Европскиот просек е 23 отсто закана од правосудни истанци, во Република Македонија просекот против слободата на медиумите е 52 отсто. Ние заедно со Турција ги сочинуваме 70. проценти во регионот на ЈИЕ. Ова мора да запре“, рече Талевска.

 

Новинарот Митовски, против кого е покренато обвинението, вели дека притисокот што се прави е неподнослив.

 

„Мора да застанеме сите заедно, солидарно како колеги и да кажеме – Доста е на сите овие притисоци. Се надевам дека сите овие апели ќе стигнат до обвинителот Јовески, до премиерот Зоран Заев и до сите надлежни“, рече Митовски.

 

Протестот продолжи пред Основниот суд, каде што исто така ќе биде искажано незадоволството од правното гонење на новинарите. На протестот беа присутни членови на новинарските здруженија во Македонија, а поддршка за протестот имаше и од колегите од регионот.

 

Вакви случаи со обвиненија за новинари имаше и претходно, кога во 2007 за оддавање на класифицирани информации беше обвинет новинарот Емил Зафировски, тогаш новинар во дневниот весник Време. Новинарот Томислав Кежаровски во 2013 година беше осуден на 4,5 години затвор за откривање на идентитетот на заштитен сведок во тогашниот неделник Репортер 92 во 2008 година.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien