Отворен Центар за туристички услуги во Крушево

Во Крушево свечено се отвори новиот Центар за туристички услуги, кој е резултат на проект спроведен од три крушевски здруженија кои работат во областа на туризмот.

 

Општина Крушево, во интерес на т.н. Платформа за развој на туризмот во Крушево отстапи и оспособи една општинска просторија со што се овозможи здруженијата, граѓаните и посетителите на Крушево тука да добиваат информации и да комуницираат.

 

Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски пред присутните го честита отворањето на овој Центар и порача дека Крушево има забележливи резултати во туризмот.

 

„Ви честитам и ви посакувам успешна работа и добро е што еден ваков центар се отвори затоа што тоа ќе ни ја олесни комуникацијата за да направиме уште повеќе за Крушево, заедно“, рече градоначалникот Христоски.

 

Координаторот на Платформата за развој на туризмот во Крушево Лефкија Гажоска рече дека во отворањето на Центарот има голема симболика, затоа што 27-ми септември е ден на туризмот.

 

„Идејата за формирање ваков центар се роди пред скоро две години, кога три НВОа од Крушево изработивме проект со кој формиравме платформа за развој на туризмот во Крушево. Една од главните пречки за посериозна посветеност на активностите од меморандумот беше недостаток од просторија каде граѓанските организации ќе се среќаваат “, рече Гажоска.

 

Носители на проектот кој е дел од програмата за прекугранична соработка со Албанија се Здружение за угостителство и туризам Крушево, Хумани односи и Крушевска жена.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.