Роднини на починат пациент насилно влегле и нападнале медицински персонал во „8-ми Септември“

Синоќа околу 23 часот во одделот за Интензивна нега на градската болница „8 септември“ дошло до вербален напад врз дежурните лекари, од група роднини на пациент којшто починал, поради што интервенирала и полицијата.

 

Директорот на „8 септември“ Христијан Костов изјави дека се работи само за вербален напад, не и физички, но сепак смета дека ова мора да се спречи во иднина.

 

„Се работи за 67 годишен пациен кој бил примен вчера околу 14 часот во болницата на кого му бил пружен соодветен третман. Но поради лоштата состојба, срцеви проблеми, хронична болест, хемодијализа, тој околу 23 часот починал. Кога биле известени за смртта, семејството на пациентот започнало вербален конфликт со дежурниот лекар на Одделот за Интензивна нега, по што интервенирала и полицијата, а телото на пациентот било земено од семејството и изнесено од болницата“, рече Костов.

 

Во врска со причините за вербалниот напад, Косотов рече дека не се конкретни, и додаде дека самиот момент на соопштување на вест за смрт на близок, секој различно ја прима. Но нагласи дека кога се работи за здравствена институција реакцијата треба да биде во рамки на закон.

 

Костов вели дека ваквите случаи на напади се стресни за докторите и се дел од нивната професија, но се надева дека по серијата состаноци на Владата и Министерството за здравство ќе се најде решение.

 

„Мислам дека воопшто здравствените јавни установи во земјава заслужуваат добро обезбедување и тоа ќе биде и во заштита и на пациентите и на персоналот. Целта е да се воспостави некаков ред во болниците, да има навремена здравствена заштита, коректен однос пациент-доктор и тоа е темелот на нашето здравство“, рече директорот.

 

Ова е четврти напад врз медицински персонал овој месец. Минатата недела лекарите излегоа на протест против насилството врз медицинскиот персонал, од кој порачаа дека оставаат кратко време да се средат работите во здравствениот систем, во спротивно ќе започнат со протести.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.