Спасовски: За околу 50 вработени од поранешната УБК има утврдено безбедносен ризик

За околу 50 вработени од поранешната УБК има утврдено безбедносен ризик за работење во безбедносните служби и ќе мора да го напуштат МВР со што би се распределиле во други државни институции, истакна денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на првиот академски час на Факултетот за безбедност.

 

Министерот рече дека вработените во УБК кои не аплицирале за новата агенција остануваат во МВР, а оние кои не го поминале ветингот одат во други институции.

 

„Работиме на подготовка на систематизација со цел да добијат решенија во МВР, освен за оние за коишто има утврдено безбедносен ризик кои ќе мора да го напуштат Министерството за внатрешни работи  и да бидат префрлени во други институции од коишто ќе бидат прифатени“, истакна Спасовски.

 

Од сведоците во случајот Таргет-Тврдина, луѓето кои ги открија и изнесоа од Управата нелегално снимети материјали „бомбите“ само Звонко Костовски аплицирал и е примен во Агенцијата за национална безбедност, додека пак Лазаревски воопшто не аплицирал и останува во МВР.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.