„Каде што реката го бакнува небото“ – промоција на новиот роман на Билјана Тинтоска

„Каде што реката го бакнува небото“ е насловот на новиот роман на Билјана Тинтоска, чија промоција се одржа синоќа во преполната сала на градската библиотека „Боркан Талески“ во Прилеп.

 

„Оваа книга настана некако спонтано, брзо. Побрзо отколку што очекував, побрзо отколку што мислев дека можам јас како обичен човек да стасам да напишам, побрзо отколку што можат да се нанижат зборовите, да се преточат мислите, да се изразат емоциите. Идејата да ја напишам оваа книга, не беше воопшто нова, ниту спонтана, како што спонтано настана таа. Идејата беше неминовна. Ја носам откако знам за себе, откако сум го спознала светот и животот. Растев со неа, созравам со неа, работам со неа. Тоа не е една идеја… туку повеќе собрани во една единствена – да се промовира возвишеноста на љубовта во сите нејзини облици.

 

Оваа книга сплотува во себе три љубови – љубовта кон мојот дедо, кој има оставено силен печат врз мојата духовна база, љубовта кон Бога на која ме учеше мојот духовен отец дедо Данило и љубовта кон овие млади личности, чиј правец во животот зависи од делата на нас, постарите.

 

Мојот живот во голема мера се сведува на искуството од тие три љубови.

 

На мојот дедо му должам многу… повеќе одошто можам да ви откријам со обични зборови. Тоа ќе ви го открие мојата книга. Тој ми беше пример за тоа како да се насочува животот, беше човек со широко срце, голем верник во Бога, добар стручњак во својата професија, извонреден вљубеник во уметноста на зборот, извонреден педагог и човек. Со личен пример ме научи како се сакаат луѓето, како се почитува и љуби Бог, како се обожава професијата, како се умножува талантот што Бог секому му го дава, како се бидува ЧОВЕК.

 

Затоа, искрено можам да кажам дека во пишувањето на оваа книга ме водеа испреплетени мотиви. Едниот е, како што веќе ви открив, личноста на мојот дедо, а другиот – исто така голем и силен е искуството од работата со младите, моралните кризи и искушенија низ кои што врват тие заради грешките на нас постарите, кои не умееме на дело да им покажеме како да се справат со нив, како да ги надминат, како да ги заштитат идните поколенија од нови и подлабоки опасности. Се потрудив, со Божја помош,  да го сторам тоа, преку примерот кој јас како дете штедро и изобилно го добивав“, истакна Тинтоска на промоцијата на книгата.

 

Лани Тинтоска го промовираше својот прв роман „Овде или во Вечноста?“. Авторот вели дека на пат е и третиот роман.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи