ВИДЕО – Со масовен марш од Участакот до Могилата и со пораки за продолжување на делото на партизаните беше одбележан 11 Октомври во Прилеп

Со положување на свежо цвеќе на спомениците на Методија Андонов-Ченто, Кузман Јосифоски-Питу, Алејата на Великаните и Могилата на Непобедените денеска во Прилеп се одбележа 78 годишнината од подигнувањето на востанието против фашистите на 11 октомври 1941 година. После долги години беше возбновен и маршот каде голем број на граѓани, ученици, претставници на Владата, политичките партии и граѓански здруженија од Участакот пешки се движеа низ улиците на Прилеп до Паркот на Револуцијата каде оддадоа почит на паднатите херои.

 

 

„Добро е што на ваков собир, најголем во Македонија, највеличествен, учествуваат и млади генерации, кои што треба да го паметат ова, затоа што најхрабрите, најпатриотските сили, скоевци и комунитсти, го дадоа својот живот за слободна Македонија, за независна држава и за денес ние да го чувствуваме тој благодет во своја држава, со добри перспективи за иднината“, изјави Круме Соколоски, претседател на Здружението на борци на Општина Прилеп.

 

Ова е прво ослободително и успешно востание покрај многуте низ историјата и е само продолжување на вековниот сон за создавање на сопствена македонска држава. Беше потенцирано дека треба идните генрации треба да ги продолжат идеалите на партизаните.

 

„И да се обидеме сите заедно да изградиме општество за помирување, кое ќе го темелиме на соживот, просперитет и благодет за идните поколенија. Слава им на сите херои што го дадоа својот живот за Македонија и да ни е вечен 11 Октомври. Денеска го живееме сонот на нашите предци, но истовремено сме исправени пред нов предизвик. Денеска ја градиме европска Македонија, која почива на темелите на слобода, демократија и човекови права. Покажавме и докажавме како се сака државата, како се работи за нејзиниот развој и просперитет, за доброто на сите граѓани. Ни предстои период во кој сите заедно мора да се избориме и да ги изодиме клучните чекори на нашата европска интеграција. Друга опција немаме. Оваа земја мора да ја направиме подобро место за живеење за сите нас, за генерациите кои што доаѓаат. Тежок бил патот на нашите предци за слободна држава, не е лесен ниту сега. Процесите што ги започнавме гарантираат сигурност, стабилност и здрава економија. Токму тоа не охрабрува да продолжиме со нашата визија, земјата да ја однесеме таму каде што припаѓа, во европското семејство“, рече Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

 

„Го исполнивме заветот на нашите предци, продолжуваме да ја градиме нашата Македонија како безбедна, развиена и просперитетна држава. Сигурно чекориме на патот на евро-атланските интеграции, со успешно завршување на преговорите ја остваруваме стратешката цел, да бидеме полноправна членка на НАТО алијансата. Нашата обврска е напорно да работиме за безбедна, стабилна, економски силна, европска Република С. Македонија“, додаде Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

 

 

Од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија власта дека е предавничка затоа што со сите досегашни решенија ги предала интересите и склучила капитулантски договори.

 

„Нема Македонскиот народ да дозволи Македонија да стане квинслишка територија. Ние како генерација имаме обврска да ја продолжиме борбата за градење на современа македонска држава, силна и перспективна Република Македонија. Од Прилеп започнало тогаш, за брзо од Прилеп ќе започне и сега обновата на современа, македонска држава. Да ги поправиме грешките на оваа предавничка власт, која ги прави овие 3 години, го понижува, го обезличува и го обезименува Македонскиот народ и македонската држава“, изјави Петар Ристески, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

 

За време на НОБ Прилеп дал 650 жртви, а од 25.000 граѓани колку што броел во 1941-ва околу 8.000 учествувале во војната. Од 66 народни херои во Македонија 15 се од Прилеп. Токму затоа во 1975 година е прогпасен за Град херој.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.