Изложба и монографија за старите занаети во Прилеп

Монографијата со наслов „Старите занаети во Прилеп“на авторот Моника Талеска, ја доживеа својата промоцоција во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“. Промоторот Слободан Беличански, во своето излагање посочи дека живите стари занаети се дел од културната историја на Прилеп.

 

„Живите стари занаети во градот, сето тоа е дел од достоинствената културна историја на Прилеп и дел од неговото утре. Воедно, книгата треба да се свати и како повик за продолжување на нашиот грижлив однос кон културата“, истакна Беличански.

 

Монографијата го регистрира актуелниот миг од еснафите, со осврт кон занаетите кои полека исчезнуваат и оние што никогаш нема да згаснат. Во книгата се приказните за последниот ковач, последниот самарџија, последниот наланџија, последниот гајдаџија, професионален саатчија за часовници со механизми, последниот бочвар, шапкар …

 

Книгата го отсликува духот на чаршијата што опстанал и покрај сиот виор низ вековите, но содржи и извадоци од делата на странски патописци низ вековите, како Евлија Челебија, Ами Буе, Јован Хаџи Васиљевиќ, Георги Трајчев. Тука се и содржините за панаѓурски Прилеп, за карактерните црти на прилепчани кажани уште пред век и пол, задржани и денес.

 

Во рамки на програмата за одбележување на празникот 11.Октомври,  беше отворена и поставката на фотографии „Да ги зачуваме старите занаети во Прилепската чаршија“. Станува збор за 36 фотографии кои ги доловуваат старите занаети и се она што претставува конотација на дејноста која тие се обидуваат да ја одржат во живот.

 

Проектот „Да ги зачуваме старите занаети во прилепската чаршија“, е финансиски поддржан од Министерството за култура, во рамки на манифестацијата „Нов културен бран“.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.