Владата најави зголемување на минималната плата на 14.500 денари

Владата ја зголемува минималната плата за 2.000 денари, односно од 12.500 на 14.500 денари, најави на владина седница премиерот Зоран Заев. Тој Тој истакна дека веќе е постигнат договор со бизнис секторот и синдикатите за зголемување на минималната плата.

 

„Одиме внимателно со покачувањето на минималната плата. Внимателно ги следиме сите мерки и ќе продолжиме со нив за да може стопанството да ги следи истите. Сите треба да работиме ако сакаме повискои плати и поголема конкурентност. Да бидеме поработлива нација и посветено да работиме“ рече Заев, нагласувајќи дека до крајот на мандатот се надева оти ќе ја постигнат целта – минималната плата да изнесува 16.000, а просечната 30.000 денари.

 

Вицепремиерот, Кочо Анѓушев истакна дека растот на платите е предизвикан од реалната економија во земјата, како и дека нивото на минималната плата е во принцип ниво кое е приближно на нивото во другите земји во регионот.

 

„Минималната плата е заштита на најзагрозените категории и не е тоа нешто со кое правиме притисок врз компаниите, напротив ние се обидуваме да им помигнеме со две мерки, прво со субвенционирање на придонесите на овој раст, и преку Законот за финансиска поддршка“, вели Анѓушев.

 

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска рече дека платата е постигната со социјален дијалог и ова зголемување ќе ја намали сиромаштијата кај вработените сиромашни.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.