Ако нема позитивна одлука за Македонија на самитот, тоа веројатно ќе ја урне Владата, порачува премиерот Зоран Заев во изјава за српската новинска агенција Танјуг. Тој вели дека со таква одлука власта ќе го загуби мнозинството во Парламентот од кое барале да гласа за промена на името на државата и за промена на Уставот. Пратениците се убедувале за глас со ветување дека ЕУ ќе испорача датум за преговори.
„Алтернатива за нас нема. Ако не се донесе одлука ние не можеме да се откажеме од ЕУ. Секако дека ЕУ е нашата иднина. Веројатно ќе ја уништи владата во Македонија. Но, ќе дојдат некои други и ќе го продолжат тој пат. Затоа што ние поради ЕУ го сменивме дури и нашето име. Направивме договори со Бугарија и Грција. Ги унапредивме односите со Србија, Албанија, Косово, со соседите во тој правец . Јас верувам дека ќе има се повеќе и повеќе мотивација за да продолжиме да работиме посилно за да покажеме уште повеќе успех“, рече Заев.
Тој изразил надеж дека Македонија ќе добие зелено светло на претстојниот состанок на лидерите на земјите членки на Унијата, иако министрите за надворешни работи не донесоа одлука за датум на вчерашниот состанок во Луксембург.