Изборите ќе го пролонгираат предвидениот попис на населението

Одлуката за одржување на предвремени Парламентарни избори на 12 април 2020 година го пролонгира терминот за одржување на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Македонија кој требапе да се одржи на пролет, бидејќи не е можно тој да се одржи во термин кој се поклопува со изборната кампања, изјави директорот на Државниот завод за статситика Апостол Симовски.

 

„Терминот април е воопшто непогоден за спроведување на пописот со оглед на тоа што веќе се закажани изборите и истиот ќе треба да се пролонгира. Можноста да се спроведе попис пред изборите, исто така,  технички невозможна, бидејќи пописот е исклучително голема операција и самата организација е невозможно да се спроведе пред април месец“, изјави Симовски.

 

Според Симовски, кога и како би се одржал пописот во моментот не е познато, бидејќи тоа е одлука на парламентот.

 

„Најубаво ќе биде да се одржи во есен или во пролет. Летниот период поголемиот дел од граѓаните се на годишни одмори, а зимно време одредени делови од земјата се недостапни“, вели Симовски кој дополни дека дополнително ќе биде одреден новиот термин.

 

Инаку Законот за попис сеуште не е донесен бидејќи опозицијата имала 23 барања, а голем дел од нив биле неприфатливи, особено барањето пописот да не го спроведува заводот, туку пописна комисија.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.