Австралиските весници здружено против цензурата

Водечките австралиски весници излегоа со зацрнати насловни страници и црвен печат „доверливо“ како дел од заедничката кампања во која се повикува владата подобро да ја заштити слободата на новинарството.

 

На насловните страници е прикажан темелно редигиран владин документ, со што сака да се прикаже обемна цензура. Во исто време, весниците започнаа медиумска кампања, барајќи измена на законите со кои работата на новинарите и активизмот на свиркачите може да се квалификува како казнено дело.

 

Сиднеј морнинг хералд бара „обемна измена на законот за да се стави крај на ускратувањето на информациите“. Австралиен предупредува на „долготрајни напади на правата на новинарите“.

 

Деветнаесет медиумски организации и новинарски здруженија во јуни оваа година ја започнаа кампањата „Твое право е да знаеш“, протестирајќи против упадот на полицијата во канцелариите на јавните телевизии и во стан на еден новинар во потрага по документи што им ги доставиле свиркачи.

 

„Протестот е насочен против законите за национална безбедност, кој според новинарите ја загрозува слободата на информирањето и создава култура на тајновитост во Австралија.Никој не вели дека некој треба да биде над законите. Прашањето е: дали законите му служат на јавниот интерес? Доколку владата функционира на основа на култура која ги сокрива нештата затоа што не сака за нив да се дискутира, мислам дека во тој случај ние како даночни обврзници кои сме сопственици на владата губиме, затоа што ги немаме информациите за да носиме одлуки.“

 

Во текот на изминатите 20 години, донесени се повеќе од 60 нови закони кои де факто овозможуваат кривично гонење на новинари и казнување на свиркачи, предупредуваат во најновата акција организаторите на кампањата.

 

Неупадливо, но континуирано се усвојуваат закони кои им дозволуваат на владите и државните службеници да прикриваат скандали или да го ограничуваат пристапот до информациите, тврдат тие.

 

„На Австралија ѝ се заканува опасност да стане најмистериозната демократија“, истакна во соопштение Дејвид Андерсон, извршниот директор на државната телевизија Еј-би-си.

 

Тие, меѓу другото, бараат право на оспорување на барањето за пребарување на простории и построги критериуми за означување на документи за доверливи.

 

Началникот на сојузната полиција Рис Кершоу во понеделникот пред комисијата на австралискиот Сенат, кој ги истражува случаите за претрес на медиумите и кршењето на правата на новинарите изјави дека размислуваат за промена на односот кон чувствителните информации.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.