ВИДЕО – Нов протест во Еурокомпозит, вработените повторно без редовна плата, а немаат повеќе ниту работа, ниту договори

Продолжува голготата за околу 65 вработените кои останаа на работа во државната компанија „Еурокомпозит“. Денеска тие повторно излегоа на протест пред фабриката затоа што за 3 месеци имаат земено само околу 15.000 денари како плата. Велат дека се благодарни за тоа што државата им ги плати неплатените придонеси од јуни 2012 до денес, но сега немале повеќе договори, немаат ништо што да работат,  а никој не сакал да им каже во кој правец ќе се движи компнијата.

 

 

„За овие 3 месеци земаме само по 3-4.000 денари од Композиитна опрема, досега имаме земено само околу 15.000 денари за 3 месеци. Затоа повторно излеговме на протест за да најдеме начиин како ние може да земаме плата и дали воопшто може да земаме плата. Затоа што сите договори кои ги имавме склучено се завршени, работа нема во моментов никаква и ситуацијава е многу лоша. Ни беше ветувано дека ако се намали бројот на луѓе ќе биде подобро, ама еве тоа до денес не се случува. Нека дојди некој нека повели нека живее со 4.000 денари месечно. Сега сме приморани повторно проблемите да си ги решаваме на ваков начин на улица“, истакна Роберт Богданоски, вработен во Еурокомпозит.

 

Револтирани се на тоа што тие се без денар, а управниот одбор редовно земал плата, иако според нив воопшто не доаѓал во фабриката.

 

Сега иисто така се прашуваат и тоа како ќе продолжат да работат бидејќи со заминувањето на технолошкиот вишок сега немаат стручен кадар кој да работи. Велат каква иднина има една фирма кога нема кој да ја сработи работата.

 

„Проблем има и понатаму ако си заминаа тие 150 мина. Можеби требаше да се направи некој подобар план да останат некои вработени, а не да си заминат. Затоа што ако се сака да се има поголемо производство требаат стручни кадри, како електричари, вработени на разните машини и слично. Новиов директор вели ќе има договори, но се плаши бидејќи нема да има доволно работна рака. А претходниот директор ги испушти тие што требаше да останат. Сега иднинава е нејасна, како ќе работиме без стручен кадар“, изјави Илија Талески, вработен во Еурокомпозит.

 

Вработените истакнаа и тоа дека иако се ветуваше влез на странски инвеститор кој би ја купил компанијата, денес никој не зборувал за тоа.

 

„Бидејќи немаше кој да работи, кога имавме работа, тие што ги пуштија како технолошки вишок ги викаа на работа и тие земаа по 1.200 денари дневница, а ние по 300 денари. Ова е само купување на време ќе ви пуштам 3.000 денари, ќе ви пуштам 4.000, тука нема иднина што ќе направиме ние со 3.000 или 4.000 денари месечно“, кажа Горан Велески, вработен во Еурокомпозит.

 

Новиот дииректор Милан Тоцев, кој го контактиравме телефонски не сакаше воопшто да зборува за најновиот протест  во Еурокомпозит, ниту тоа каде се движи компанијата. Рече дека ќе дадел изјава во друга прилика.

 

Инаку претходно како технолошки вишок заминаа 155 вработени, на кои заедно со овие 65 сегашни останати на работа државата им ги плати само заостанатите придонеси. Оние кои заминаа како технолошки вишок од 90.000 денари отпремина имаат земено по само 30.000 денари, а немаат добиено ниту 18 заостанати плати.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.