ВИДЕО – Државниот инспекторат за животна средина забрани одложување на хемиски отпад на депонијата во Крушево

По сторијата на Сител дека на крушевската депонија со години наназад се одлага хемиски отпад односно епоксидна и полистерска смола од страна на компанијата „Еуро профил“ лоцирана кај селото Алданци, државниот инспекторат за животна средина изрече мерка забрана за прифаќање и депонирање на ваков вид на отпад, како и на друг отпад кој не спаѓа во категорија на комунален/неопасен отпад на крушевската депонија.

 

 

Депонијата во Крушево често пати гори така што заедно со комуналниот отпад горат и овие буриња по што се шири неподнослива миризба и чад, а граѓаните се плашат за своето здравје.

 

Според Државниот инспектор за животна средина од Битола Зоран Димовски бил извршен увид на депонијата каде биле пронајдените буриња со вакви смоли, по што на ЈП „Комуна“ која управува со депонијата и било изречено задолжение за итно отстранување на овој вид на отпад од депонијата и предавање на специјализиран правен субјект.

 

Во писменото соопштение кое го добивме Димовски вели и тоа дека бил направен и вонреден инспекциски надзор и на правното лице „Еуро Профил“ кај с. Алданци, во индустриска зона „Опаленик“ и на фирмата исто така и била изречена забрана за предавање и отстранување на овој вид на отпад на комуналните депонии и задолжение за склучување на договор со специјализирано правно лице кое што има лиценца за преземање на овој вид на отпад.

 

Овој случај го отвори прашањето каде завршува ваквиот отпад и во другите градови во Македонија и дали и тој завршува на комуналните депонии.

 

Од инспекторатот во Битола велат дека досега немале ваква пријава, а од Министерството за животна средина потврдија дека во Македонија нема основано депонија за опасен или индустриски отпад, а истиот се предавал на лиценцирани компании за постапување со опасен отпад и се извезувал надвор од државата.

 

Но дали и кога Македонија ќе има специјализирани депонии за третирање и одлагање на ваков отпад засега нема одговор.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.