Проект за развој на универзална база со податоци за туристичките потенцијали на спомениците на културата и подобра информираност за истите

Туризмот претставува една од најдобро растечките и најпрофитабилни стопански гранки во светски рамки. Според статистичките податоци на Светска Банка, во глобални рамки се евидентирани 1.341 милијарди вкупен број на пристигнувања, со вкупно потрошени 1.449 трилиони американски долари во 2017 година. Во РС Македонија во 2018 година се евидентирани 1.126.935 (наспроти 605 320 во 2008 година) и 3.176.808 ноќевања (наспроти 2.235.520 во 2008 година). Од нив, 707.345 (наспроти 254.957 во 2008 година) се странски туристи коишто оствариле 1.491.535 ноќевања (наспроти 587.447 во 2008 година).

 

Според податоците на Светската туристичка организација дури 40% од сите пристигнувања се „културни туристи“. Статистичките податоци или 2,1 ноќевање по странски турист рефлектираат ситуација во која што како проблем се јавува задржувањето на туристите на релативно подолг престој во државата.

 

Со оглед на важноста на туризмот и угостителството во економскиот развој на РС Македонија и нагорните трендови на раст на туристичките посети во планските региони на земјата, потребен е критички преглед на состојбите во спомениците на културата во целата држава, и преземање на активности во склоп на поголеми стратегии и планови со цел да се постигне оптимизирање на понудените туристичките производи и услуги со побарувањата на туристите.

 

 

 

 

Неопходна е интензивна соработка меѓу учесниците во клучните сегменти од овој сектор: заштитата, истражувањето и промоцијата на културното наследство и туризмот. Впрочем, таа соработка треба да се е резултат на заеднички и конзистентни заложби на работниците во заводите, музеите, научните институции и секако на тие во економската сфера, како, туристичките оператори и туристичките водичи.

 

Зашто само на тој начин може соодветно да се одговори со производи или услуги барани од домашните и странските туристи. Целта е да се постигне еден затворен круг преку обезбедување на основа за враќање на од државата инвестираните средства назад во системот на индиректен начин, преку подигање на квалитетот на презентација. Затворен систем, во којшто, преку туристичка промоција и умерена експлоатација на културното богатство ќе се обезбедуваат средства за негово одржување, презентирање и средства за нови стручни и научни истражувања.

 

 

 

Во глобални рамки, културното наследство е силен и атрактивен фактор и со интерактивно користење на релевантни информации за него неопходно е да се активира нова динамика за одржлив развој и разумно искористување на ресурсите. Новите технологии во оваа област нудат неограничени можности за заштита и презентација преку иновации и креативност во користењето на информатичките технологии за третман на културното наследство, и тоа преку:

 

– обезбедување на пристапност и дифузија на релевантни информации;

– точни одговори на прашања за зачувување, управување и промоција;

– иновативни начини за елаборација на знаењето, со акцент на поттикнување на космополитска перцепција на заедничката природа на културното наследство во најширок контекст.

 

Културното наследство поседува и силна едукативна и економска димензија. Токму тие се полињата во коишто најсериозно придонесува реализацијата на проектот DIENDICURE – Digital Environments for Digital Cultural Realities, во 2018 година поддржан од Делегацијата на Европската Унија во Скопје и од Министерството за култура на РС Македонија како Недеструктивни методи за заштита и промоција на културното наследство – Просторна ГИС платформа за урбаните центри од римскиот и рановизантискиот период во Р Македонија (достапно на http://diendicure.mk/).

 

Уште на самиот почеток замислата беше преку повеќегодишно и стабилно финансирање системот да се развива во повеќе правци. Како прва фаза од реализацијата на проектот „Развој на универзална база со податоци за туристичките потенцијали на спомениците на културата – унапредување на информираноста за туристичките капацитети на спомениците на културата – “, e изработен елаборат во кој е направена евалуација на состојбата со спомениците на културата од аспект на нивната експонираност и достапна туристичка понуда.

 

Имено, како логична надоградба на ГИС системот во кој се содржани по најмалку 90 атрибути за секој од шесте споменици на културата од римскиот и рановизантискиот период, со овој проект се разви еден посебен модул во којшто се внесуваат информации непосредно поврзани со туристичката инфраструктура со којашто располага секој споменик на културата. Во прилог на дефинирање на карактерот и обемот на информации oд интерес на потенцијалните посетители, беше спроведено и истражување и собирање на информации од домашни и странски интернет и други пишани и визуелни ресурси.

 

 

 

 

 

Приоритет беше ставен на категоризација на информациите, со фокус на тие коишто имаат особена важност за потенцијалните посетители. Врз основа на претходната активност е создаден образецот (формата) за дигитален внес на податоци непосредно поврзани со потребите на потенцијалните туристи. Преку формата за внес на податоци системот се полни со информации за пристапноста, околината, апстрактна оцена на квалитетот на туристичка понуда, за современата инфраструктура, потенцијалите за прошетка и разгледување, потенцијалното постоење на музеј, негово работно време, работно време на споменикот или споменичката целина, други достапни активности во близина на споменикот, други регионални атракции, информации коишто се однесуваат на локалното население, нивото на безбедност на споменикот, официјална интернет страница, други ресурси достапни преку интернет, правила на однесување и ограничувања за посетителите, дополнителни и контакт информации.

 

Примарни извори на информации за креирањето на образецот беа споменици на листата на локалитети ставени под заштита на УНЕСКО (https://whc.unesco.org/en/list/). Со оглед на тоа што некои од спомениците на културата се врз или во непосредна близина на споменици на природата беа користени и интернет страни за такви локалитети (http://www.europeangeoparks.org/?page_id=168.; https://www.parkovihrvatske.hr/en/homepage; https://viadinarica.com/index.php/en/).

 

Со реaлизацијата на активности во функција на подобрување и збогатување со содржини на ГИС системот DIENDICURE, во текот на 2019 година се оствари сериозен напредок од аспект на потенцијална имплементација на претходно дадената Визија за интегрирано менаџирање со културните ресурси. Системот е надграден со модул кој служи за внесување на информации неопходни за секој потенцијален посетител. Овој Проект е базиран на применети меѓународни стандарди, нови технологии и методи и докажани, најдобри практики во функција на унапредување на промоцијата и популаризацијата на културното наследство.

 

Со отворањето на пристапот до овој систем се постигнува повисоко ниво во користењето на културното наследство во функција на негова одржливост. Преку реализацијата на проектот „Развој на универзална база со податоци за туристичките потенцијали на спомениците на културата – унапредување на информираноста за туристичките капацитети на спомениците на културата –“ се направи суштински придонес кон отворањето на пристапот до релевантни информации за културните ресурси на нашата држава.

 

Тоа е наша обврска, и поддршката и понатамошното развивање на системот ќе биде силен стимул во менаџирањето на културното наследство, зајакнување на основата за соодветен развој, заштита и валоризација на спомениците на културата, но и генерално, за унапредување на постојниот кон одржлив туризам во иднина. Сепак мора да се истакне дека за подобрување на продуктот и за продолжување на овие пионерски чекори во дејноста се неопходни финансии, пред сè, заради обезбедување на континуирано и систематизирано полнење на базата со податоци со други споменици на културата.

 

Во остварувањето на Визијата за напреден третманот на културното наследство се неопходни се заеднички, сериозни и комплементарни активности во склоп на посебни програми. Сметаме дека овој производ ќе стимулира развивање на индивидуални идеи, продукти и системи, како придонес кон децентрализирано градење на човечки ресурси, коишто во иднина активно ќе партиципираат во создавањето на универзален систем за сите класи на културно наследство.

 

Тука е особено важно да се нагласи придонесот на Министерството за култура на РС Македонија, зашто информираноста служи како превенција од оштетување, но и за мониторинг на културното наследство. Користењето на современите дигитални технологии се суштината на она што значи заштита и промоција на културното наследство. Сестраната употреба на компјутерската технологија во третманот на културното наследство е неизбежна, а продолжувањето на финансиската поддршка за дополнително развивање на системот DIENDICURE е суштински придонес во процесот на градење на минимум критична маса од аспект на човечки ресурси, којашто ќе ја понесе тежината на патот кон создавањето на информатичкото општество во културата.

 

Проектот е рализиран во склоп на годишната програма за финансирање на проекти од национален интерес на Министерство за култура на РС Македонија, а имплементиран од Здружение на граѓани МЕНЕЛАЈ Прилеп, со м-р Христијан Талевски како раководител на проектот.

 

Проектот е поддржан и од ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп.

 

Автор : м-р Христијан Талевски

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.