Акција во светски рамки за засадување на 20 милиони дрвја, организирана од јутјубери

Јутјубери решија да се организираат и да соберат пари за да ја пошумат планетата со 20 милиони дрвја до крајот на годината, како акција за борба против климатските промени. Целата организација е на Џими „МрБист“ Доналдсон и веќе има собрано поддршка од Јутјубери кои заедно имаат над 650 милиони следбеници.

 

Планот е да се посадат дрвја на секој континент на планетава, освен на Антарктик, а видот на дрво што ќе се сади зависи од самата локација.

 

„Сфаќаме дека со 20 милиони дрвја нема да се поправат климатските промени, но на крајот на краиштата, 20 милиони дрвја се подобри од 0 дрвја. Сакаме да преземеме акција бидејќи поради седењето в место сме таму каде што сме денес“, изјави МрБист.

 

Акцијата се подигна на сосема ново ниво кога во неа се вклучи основачот на Тесла и Спејс Екс, Елон Макс кој донираше неверојатни 1 милион дрвја.

 

Кратко по донацијата на Маск, која беше најголема до тогаш, пари даде и основачот на Шопифај, Тоби Лутке, кој со 1 милион и 1 дрво, моментално е најголемиот донатор на проектот.

 

 

Со оглед на фактот дека станува збор за огромна акција, во неа се вклучи и иноваторот и инженер Марк Робер, кој со масивен дрон специјално прилагоден за садење дрвја, ќе помогне во реализирањето на истата. Кон предизвикот се приклучила и компанијата „Линус“, која создала базука за засадување дрвја.

 

Досега се посадени преку 10 милиони дрвја. Доколку сакате да донирате дрво, тоа може да го направите на оваа страница.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.