За 5 години во Македонија починале 16.960 лица од аерозагадување

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

О2 Иницијатива објави шокантни бројки. Од 2012 и заклучно со 2016 година загадениот воздух го зел данокот во живот на околу 17 илјади лица што е повеќе од сите жители на Дојран, Валандово, Пехчево и Крушево заедно. Овие црни бројки ги запалија социјалните мрежи со коментари дека од Македонија „луѓето се иселуваат, ама во Бутел“.

 

Повикувајќи се на извештаите за квалитетот на воздухот во Европа на Европската агенција за животна средина (2015 – 2019), од „О2 Иницијатива“ пресметале дека во Македонија за 5 години починале 16.960 лица од аерозагадување.

 

„До сите „надлежни“ во државава, потсетување во што сте соучесници со непреземање на навремени и доволно мерки. Додека ни умираат цели градови поради загадениов воздух, а вие барате алиби зошто не сте исполниле од ветеното со нефункционалните државни институции“, велат од „О2“.

 

Па така, во 2012 година од загадениот воздух починале 3.340 лица, во 2013 година (3.670), во 2014 година (3.170), во 2015 година (3.200), а во 2016 година (3.580). Тоа значи дека загадениот воздух го земал данокот во живот на околу 17 илјади лица што е повеќе од сите жители на Дојран, Валандово, Пехчево и Крушево заедно.

 

Овие црни бројки ги запалија социјалните мрежи.

 

„Секојдневно гледаме плакати од починати. И колку неделно умират, но никој нема интерес, ниту може нешто да стори за било што во ова земја. Македончето се предаде, дигна раце од сè “, искоментира Жаклина Л.

 

Христо Дума прашува дали овие починати се дефинираат како смртни случаи од последица на аерозагадување?

 

„Не дека не е причина, ама веројатно има и една друга „мирудија“ која влијае, а сите ја превидуваат претпоставувам ненамерно“, нагласува тој.

 

„Луѓето се иселуваат. Да, ама во Бутел“, вели Дејан Трпковски.

 

„Ова ви е како да живеете во гасните комори во Аушвиц. Народот се гуши, властите никакви мерки не преземаат. Во секоја нормална држава само со овој податок оставки треба да има“, коментира Номче Кајмакоски.

 

„Знаете, сите трчаат само по пари, не им е гајле за народот, а нивните блиски не се тука, живеат надвор во луксуз“, вели Деса Д.

 

Од „О2 Иницијатива“ велат дека нема поважно прашање во државава од животот на луѓето.

 

„Парите дадени на мебел, патни трошоци, „службени“ јадења, возила, патувања, конференции, конгреси, симпозиуми, непотребни министерски и пратенички места, заменички директорски и безброј други непотребни функции, ПР служби, вишок советници, квази иновации, наместени тендери, непотребни проекти, преплатени автопатишта, згради. Се тоа се пари одземени од нашите животи“, заклучуваат од О2 иницијатива.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи