Повеќе од 11.000 научници предупредуваат за апокалиптични сценарија поради климатските промени

„Јасно и недвосмислено изјавуваме дека планетата Земја се соочува со климатска криза. За да осигуриме одржлива иднина, мораме да го промениме начинот на којшто живееме. Тоа подразбира големи трансформации во начинот на кој нашето глобално општество функционира и интеракцијата со природните екосистеми“, наведуваат потписниците на текстот објавен во списанието „Биосајенс“.

 

Тие велат дека нема време за губење, како и дека климатската криза стигнала многу побрзо од што поголемиот дел на научниците очекувале.

 

Научниците предлагаат шест чекори кои би требало да ги ублажат најпогубните фактори за климатските промени:

 

  • Замена на фосилните горива со нискојаглеродни обновливи извори
  • Намалување на емисиите на загадувања со метан
  • Заштита на еко-системот на Земјата
  • Поголема употреба на растителна храна, а помала употреба на производи од животинско потекло
  • Земјоделство без користење на јаглерод
  • Стабилизирање на светската популација која се зголемува за повеќе од 200.000 луѓе секој ден

 

Нашата планета брзо се загрева, што е особено забележливо преку топењето на глечерите од Гренланд до Антарктик. Ледената прекривка на Гренланд, која, доколку се стопи, може да го подигне нивото на морето за 6 метри, се топи најбрзо. Помеѓу 2006 и 2015 година, таа изгуби во просек повеќе од 275 гигатони мраз годишно. Ледената прекривка на Антарктикот исто така брзо исчезнува. Губењето на тежината е тројно зголемена помеѓу 2007 и 2016 година во однос на претходните десет години.

 

Стотици милиони луѓе би можеле да останат без своите домови поради зголемувањето на нивото на морето во текот на следните 30 години. Очекуваниот пораст на нивото на морето во овој период е од 0,6 до 2,1 метри. Така, до 2050 година, областите моментно населени со околу 300 милиони луѓе ќе бидат под морското ниво , додека до 2100 година, област со 200 милиони жители трајно ќе остане под море.

 

Околу 70% од најтешко загрозените земји се од Азија. Особено ќе бидат погодени осум земји – Кина, Јапонија, Индија, Индонезија, Тајланд, Филипини, Виетнам и Бангладеш.

 

Сепак експертите идентификувале и некои охрабрувачки знаци, како што е намалување на наталитетот на глобално ниво, зголемено користење на соларна и енергија од ветриштата, како и одложување на фосилните горива. Стапиките на уништување на шумите во Амазонија исто така се намалувале, се до неодамнешниот пораст под новиот бразилски претседател Жаир Болсонаро.

 

Исто така, научниците велат дека се охрабрени од неодамнешните демонстрации на младите луѓе, кои ги предупредуваат владите да преземат акција за да ја спасат планетата, како и од други кампањи.

 

Како сојуз на светски научници, потписниците нагласуваат дека тие се подготвени да им помогнат на владите и на сите носители на одлуки за развој во постигнување на праведна транзиција кон обновлива и праведна иднина.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien