ВИДЕО – Се уште нема решение за проблемот со водоснабдувањето на Трескавец, конаците се скоро завршени

И годинава нема решение за проблемот со водоснабдувањето на манастирот Трескавец. Иако изградбата на новите конаци вредна околу 2 милиони евра е скоро готова овој горлив проблем не дозволува да се направи технички прием. Трескавец годишно го посетуваат над 20.000 туристи, а моменталните извори можат да ги задоволат потребите на само 10-тина луѓе. Според некои пресметки водоводот чини околу 100.000 евра, а водата треба да се донеси до манастирот од изворот во стариот расадник.

 

 

„Како инвеститор се јавува Општина Прилеп која уште во 2012 година го изработи проектот. Се работи за изработување на каптажа долу во расадникот, тоа е старата чешма изградена од прилепчанецот Христо Бомбол во 1827 година. Потоа водата треба да се качи околу 500 метри нагоре во карпите каде треба да се изгради и новиот резервоар“, истакна монах Калист.

 

 

 

 

Mанастирот, е предвидено да има капацитет од 50-тина легла за гости. Министерот за култура Хусни Исмаили истакна дека за водата како Министерство тие не биле надлежни и дека за тоа треба да се заложи Општината и другите институции или да се аплицира во странските фондови. Но иако има желба нема конкретно ветување кога ќе се изгради водоводот.

 

„Иако не е наша обврска ќе обидеме во рамките на нашите можности на Министерството, ако треба на ниво на Влада ќе актуелизира ова прашање за да најдеме заедничко решение. Но при тоа треба да се напомене дека и другите институциии се должнии да го помогнат овој процес, почнувајќи од градоначалникот, локалните институции, приватните домашни донатори, па и странските донатори кои се расположени за ваква помош“, рече Хусни Исмаили, министер за култура.

 

„Ние правиме напори и со локалната самоуправа и со надворешни фондови, ги спомена министерот. Исто имаме контакти и со Министерството за транспорт и врски, значи нема да го оставиме тој проект незавршен. Затоа што целиот проект зависи од водовод, од ППЗ, од пречистителната станица“, додаде Блаже Атанасоски, директор на Завод и музеј Прилеп.   

 

 

 

 

 

Вториот горлив проблем на Трескавец е црквата која е стара од 13 век, а веќе со децении се распаѓа. Се очекува со нејзина конзџервација да се започне в година, но и тоа останува како отворено прашање, без конкретни датуми.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи