Процесот на ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО е во тек и без проблеми треба да се ратификува во Франција до крајот на годината, рече денеска францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние, по комеморацијата на француските воени гробишта во Скопје, по повод Денот на примирјето од Првата светска војна и Денот на народна жалост.
Протоколот за нашето членство во НАТО, освен Франција, претстои да го ратификуваат уште и Холандија и Шпанија, каде вчера се одржаа парламентарни избори, на кои победија социјалистите на Педро Санчез, но ниту една партија не освои мнозинство доволно да формира влада.
Тимоние, одговарајќи на новинарско прашање во однос на „малиот шенген“ што е инцијатива на лидерите на Западен Балкан, рече дека секоја соработка во овој регион е добредојдена.
„Секако тоа беше и пораката на претседателот Емануел Макрон што ја даде во Софија дека секоја соработка во овој регион меѓу земјите од Западен Балкан е добредојдена, бидејќи како што гледате и денеска соработката до што не донесе, дека тоа само има позитивни плодови, и Франција го поддржува таквиот вид на соработка“, рече Тимоние.