По притисокот од јавноста Владата се откажа од предлог-законот со кој се ограничуваше правото на протест

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

По жестоките реакции кај јавноста и притисокот кој таа го изврши, Владата го повлече предлог-законот за јавни собири со кој се планираше ограничување на правото на протест, кое е загарантирано во Уставот на Македонија.

 

Со новиот Закон се предвидуваше забрана за протести пред седиштата на институциите и околниот простор, собирите да се одржуваат од 6 до 23 часот кога ќе мора да заврши, а за воопшто да се одржи протестот да присуствуваат најмалку 50 лица.

 

Од Влада велат дека ги послушале реакциите на граѓаните и забелешките на граѓанските организации за најавените предлог измени и одлучиле да ги повлечат на денешната владина седница.

 

„Ги слушнавме реакциите на граѓаните и веднаш реагиравме. Ќе ги слушнеме граѓаните, невладиниот сектор, ќе видиме како демократиите го прават тоа. Веднаш на седница на која почна денеска се носи само буџетот и донесовме одлука веднаш и го повлековме законот“, вели Заев.

 

Во дел од замрзнатите измени стои и забрана за маскирање на учесниците на протестот, оти се отежнувало утврдувањето на идентитетот. Организаторите се задолжуваат просторот каде се одржале демонстрациите да го вратат во првобитна состојба или да ја надоместат евентуалната штета.

 

Овие измени биле изготвени од Министерството за внатрешни работи.

 

Според некогашниот предводник на „Шарената револуција“, Павле Богоевски ваквиот закон е неприфатлив и доколку претрпува измени тие мора да бидат внимателно разгледани.

 

„Ако гледаме низ призмата на „Шарената револуција“, 90 отсто од активностите што ги правевме ќе беа забранети согласно овој закон. Постои простор да се дискутира да се подигне прагот на определени локации, како што се крстосници, улици, патишта, кои би биле додадени на списокот објекти од витално значење, ама би биле однапред прецизирани и јавно познати. Односно, не може на некој функционер да му текне да забрани протест, само поради тоа што тој протест се одвива на некоја си раскрсница. Самото маскирање, самиот изглед може да биде интегрален дел од изразувањето на протестирачите и како таков да биде составен елемент од изразувањето на протестирачите и да биди составен елемент од правото на јавниот собир“, рече Богоевски.

 

Само за потсетување, за време на протестите додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт сегашниот премиер Зоран Заев лично фрлаше боја кон орган на државната власт – Министерството за правда, а актуелниот министер Оливер Спасовски го пробиваше полицискиот кордон за насобраните да стигнат до друг орган на државната власт – Министерството за финансии.

 

Инаку правото на протест е уставно загарантирано право.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи