Усвоени развојните програми за Прилеп за 2020 – Јованоски најави 4 капитални инвестиции до 2021

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

На денешната 34 седница на Советот на општина Прилеп на чиј дневен ред се најдоа 27 точки, советниците ги усвоија развојните програми на општинскиот буџет за 2020 година.

 

Образложувајќи ја двегодишната развојна програма, градоначалникот Илија Јованоски потенцираше дека четирите капитални инвестиции кои ќе бидат реализирани до крајот на 2021 година, се проекти од интерес на граѓаните на општина Прилеп, кои беа ветени во неговата изборна програма.

 

„Реконструкцијата на булеварот ‘Гоце Делчев“ од споменикот ‘Карпалак’ до ‘Тинекс’ и дел од улицата ‘Прилепски бранители’, започнува годинава а ќе заврши следната година. Во периодот 2020/21 година ќе бидат реализирани трите капитални проекти: реконструкција на старата чаршија каде ќе бидат поставени нови гранитни плочки, а сите жици од ЕВН и кабелските оператори, ќе бидат внесени под земја, со што чаршијата ќе добие нов лик, а инвестицијата чини 50 милиони денари. Во населбата ‘Точила’ ќе биде изграден покриениот базен, односно спортско-рекреативен центар кој ќе чини 120 милиони денари и кој првенствено ќе биде наменет за учениците од основните и средните училишта, а ќе има термини и за останатите граѓани. Третиот проект чија изградба започнува следната година, е детската градинка со капацитет за 250 деца. Таа ќе биде изградена непосредно до спортско-рекреативниот центар, а нејзината изградба ќе чини 110 милиони денари. Со овие проекти чија вкупна сума изнесува околу 5 милиони евра, ќе ги подобриме условите за живеење на граѓаните од нашата општина“, изјави градоначалникот Јованоски.

 

Претседателот на општинскиот Совет, Миле Талевски напомена дека развојните програми се од приоритетно значење за локалната самоуправа, за разлика од времето на претходната локална власт кога не се реализираше ниту една развојна програма.

 

„Покрај усвоените 4 развојни програми за кои говореше градоначалникот Јованоски, на денешната седница се изгласаа и тримесечните извештаи за финансиското работење на ЈКП ‘Комуналец’ и ‘Пазари’, се донесе одлука за регулациски план на ГУП, на подрачјето на индустриската зона, со што ова земјиште станува поатрактивно за инвеститорите и отворањето нови стопански капацитети“, истакна Талевски.

 

Членовите на Совет на општина Прилеп расправа и за други прашања од интерес и важност за граѓаните, при што беа легилизирани повеќе бесправно изградени објекти.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи