ВИДЕО – Во Македонски Брод се одржа 12-тата по ред „Костенијада“

По 12-ти пат во Општина Македонски Брод се одржа манифестацијата „Костенијада“ чија цел е промоција на овој надалеку познат плод од Поречието кој што е баран на пазарите не само во Македонија туку и во соседните држави.

 

 

Овој настан е една од најзначајните манифестации за Поречието кои се случуваат во текот на годината. Тој започна со изложба на ракотворби и цртежи изработени од костени од страна најмалите во градинката, учениците од основното училиште „Свети Климент Охридски“ од овој град, подрачните училишта во селата Манастирец и Самоков, творби на децата со посебни потреби, а се вклучија и учениците од Гимназијата „Свети Наум Охридски“.

 

„Дојдовме до една идеја да ја наречеме Костенијада, бидејќи поречкиот костен е надалеку прочуен, на пазарите во Битола, Прилеп, па и Скопје, а во поново време имаме дури и поголема побарувачка за извоз. Ова е еден вид природен костен кој не се калеми, него од самото поднебје излегува и е со многу вкусен квалитет, има многу шеќерни единици, околу 12% има шеќерни единици, што е еден од врвните квалитети на костените. Инаку манифестацијава преминува и во туристичка атракција, каде што имаме доста посетители од Прилеп, Скопје, Кичево, Крушево, претежно од поблиските градови, меѓутоа манифестацијата е доста посетена“, истакна Милена Стојческа, раководител на домот за култура.

 

„За нашиот град претставува нешто најубаво, манифестација од единствен вид е кај нас. Нешто така имаме и за Великден и тие се основните две манифестации во градот. Подготовките течат кај нас веќе еден месец, а другите секој со потребите. Во градинката се подготвуваме со игри, некогаш учествуваме со изложбата, со изработка на костени, некогаш со правење благо од костени, и така, некои специјалитети“, рече Јагода Станоеска, наставничка во градинката во Македонски Брод.

 

За сите учесници имаше благодарници, а најмалите пак од градинката за сите присутни приредија свечена програма.

 

Продажбата на костењето е една од поглавните земјоделски гранки кои носат приход за Поречани. Токму затоа на манифестацијата имаше претставници и од Министерството за култура.

 

„Поречието е познато по костенот, ние изобилуваме со големи количини на костенови насади и токму поради тоа што имаме многу костени ја прославуваме оваа Костенијада, со цел да ги запознаеме граѓаните во Република Македонија дека вистина имаме најквалитетен костен. Тоа го докажуваат благоста на костеност и изврсниот квалитет“, изјави Живко Силјаноски, градоначалник на Општина М. Брод.

 

„Како Министерство за култура, биле поддржувани во други години, не знам оваа година. Беа насочени во Министерството за земјоделство да добијат повеќе поддршка тие земјоделски производи како оризот, гравот, во тие такви манифестации. Ова сега што се прави, тоа се користи од нивните дедовци, прадедовци, од нивните родители, но мислам дека треба многу повеќе да се работи на тоа. Ова се некогаш што било насадено тоа го користат, меѓутоа тоа ти е како расад, треба повеќе да се поттикне крајот со производство, затоа што овој костен е со посебен вкус“, кажа Веселка Видеска, технички секретар во Министерство за култура

 

„Треба да влезе во субвенционирањето како сите  овошја, сите производи досега, поткрепени да бидат од Министерството за земјоделие, тоа ќе го побараме. Нема нови насади, од дедовците што биле сега сеуште се произведува и се користи, но треба да има“, додаде раководителот на домот за култура, Стојческа.

 

На манифестацијата присуствуваа и голем број културни уметнички друштва како од Македонски Брод, така и од Прилеп, Битола, Новаци, Радовиш и Свети Николе.

 

По завршувањето на изложбата пред платото на Домот за култура се фомираше колона со сите присутни кои започнаа со свечено дефиле од Домот преку реката Треска, до центарот на Македонски Брод, каде на градскиот дел се одржа централниот дел од прославата.

 

Пред присутните со свои точки се претставија сите културни уметнички друштва. Публиката уживаше во македонскиот мелос и прекрасната изведба на народните песни и ора кактеристични за повеќе краеви на државата. Освен културната програма учениците од средното угостителско училиште на плоштадот подготвија и мала слатка закуска, односно специјалитети од костен кои се продаваа по симболична цена.

 

„Овие слатки се направени од костен и ги направивме ние учениците, со помош од професорите. Слатките ги продаваме на присутните на манифестацијата, кој колку може за едно парче. Претходните години собраните средства се даваа на хуманитарна акција, а оваа година се за нас учениците од угостителско-туристичката насока, за каде што ќе се одвива праксата“, истакна Мартин Велкоски ученик во гимназијата „Свети Наум Охридски“, смер угостителство и туризам.

 

Додека од една страна публиката уживаше во музиката, низ воздухот се ширеше прекрасната арома на поречкиот печен костен, а присутните ги привлекуваше и костеновиот мед.

 

„Секоја година јас печат костени. Поречкиот костен е познат по вкусот, многу е благ и убав. Костените се разликуваат по годината, некогаш раѓаат некогаш не, некогаш е благ костенот ако е суша, а ако е дождливо костенот се расипува. Оваа година е многу добар. Некои по пазарите ги продаваат, некои на големо ги купуваат, некоја година има, некоја година нема, зависи кога. Некој има што ги садат, некои сами никнуваат и ги одржуваат“, вели една производителка на костени.

 

„Кажуваат дека костеновиот мед е многу подобар од другиот, без разлика, и тој е убав, но овој е поубав бидејќи има повеќе витамини и сите тие додатоци што му требаат на организмот. Многу е баран, многу го даваме во Скопје, Тетово, Гостивар, Македонски Брод“,  потенцираше Трена Стојкоска производител на мед од костен.

 

„Се опстанува, ако сака човек да работи има егзистенција. Еве јас имам еден тон годинава собрано. Немам нови насади, но планирам. Тие се самоници повеќе. Садев една година, но фати суша и се исушија. Треба да има субвенции за костенот, но тоа од државата зависи. Уште ние постарите, но помладите не ги интересира. Но има доста од костенот, сега се продава 2 евра кило и пак нема“, вели Димче Филипоски, производител на костен.

 

Поречани се надеваат дека оваа манифестација од наредната година ќе биде поддржана и од државата за да може уште повеќе да го афирмираат костенот, но и сите производи кои се добиваат од него, а од друга страна Костенијадата да стане вистински туристички бренд на Општина Македонски Брод.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи