ВИДЕО – За прв пат во Прилеп со хуманитарна акција се одбележа Светскиот ден на предвремено родени бебиња

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Со хуманитарна акција во прилепската болница годинава за прв пат се одбележа Светскиот ден на предвремено родените бебиња. Иницијатор за оваа акција биле група на мајки кои ги родиле своите деца пред 9-тиот месец од бременоста. Христина Цветкоска своето бебе го родила во 30-тата недела. Таа вели дека во Македонија е табу тема да се зборува за оваа ситуација икао се повеќе бебиња се раѓаат предвреме. Пред нашата камера го опиша целиот страв кога се родило нејзиното бебе, кое пак не и било дозволено да го види цели 40 дена. Секој ден била во исчекување дали тоа ќе остане живо или ќе почини.

 

 

„Со сопругот имавме слушнато за предвремено родени бебиња, но не бевме многу запознати со тоа. Кога се роди моето бебе во болницата ти даваат 72 часа дали бебето ќе остане живо и дали ќе ги помине кризите од контактот со надворешниот свет. Стравот е огромен бидејќи во Македонија мајките не лежат заедно со бебињата, не ги ни гледаат. Имаше посета која беше дозволен еднаш во текот на неделата, но ако детето е критично и во изолација мајката не го гледа. Нашето дете беше 40 дена во болница и ние воопшто не го гледавме, 40 дена не знаевме што ќе биде со него“, истакна Христина Цветкоска, мајка на предвремено родено бебе.

 

Во акцијата исто така беа вклучени голем број прилепски компании кои донираа производи и ваучери за да потоа сите собрани средства се донираат на неонаталошкото одделение во Прилеп. Еден од иницијаторите на оваа акција е Данче Оклеска која оваа идеја ја добила од Англија, каде и се породила во 24-тата недела од бременоста.

 

„Моето бебе е родено во 24 недела во Англија. И сега овој ден го празнуваме на овој начин со тоа што локалните компании ни даваат помош и поддршка во производи и ваучери, тие ваучери ги ставаме како лотарија, но и други фирми директно донираа во болницата. Се надевам дека собравме доволно средства за да купиме нешто кое ќе и користи на болницата во Прилеп и неонаталогија. Мојата идеја беше поддржана од многу мајки од Прилеп, но имаме тука мајки и од други градови и се надеваме дека ова ќе стани традиција. Имаме и поддршка од болницата и во другите држави овие манифестации се одржуваат во болница. Ова кај нас е за прв пат и се надевам дека наредните години хуманоста ќе биди поголема и ќе помогнеме на мајките и болницата“, истакна Данче Оклеска, организатор на акцијата и мајка на предвремено родено бебе

 

Таа истакна дека ќе побараат од државата овие мајки да имаат подолго породилно отсуство од најмалку 15 месеци.

 

„9 месеци не се доволни да остане мајка дома со такво дете, а ние сакаме и понатаму да продолжиме да работиме да бидеме поддршка на мајките, има голема група на ФБ за прерано родени деца каде мајките може да добијат голем број совети и да споделат искуства“, додаде Оклеска.

 

„Сите мајки на предвреме родени бебиња се за да се зголеми породилното отсуство. Дете родено во 9-ти месец и предвреме родено бебе не е исто. И самите градинки имаат проблеми со овие деца. Покасно проодуваме, покасно започнуваме со вкусови, со исхрана, се е покасно. Така што му треба грижа и имунитетот не е како кај бебињата родени во 9-ти месец“, вели Цветкоска.

 

Своето искуство со предвреме родените деца денеска го споделија голем број мајки кои беа дел оваа несекојдневна акција.

 

„Ова е Димитар, тој е роден во 29-тата недела, во Скопје, тежок 1,1 кг, 65 дена беше во инкубатор, сега има оштетен  вид и никој не сака да ја превземе вината од каде е ова дојдено, дали од инкубаторот, кислородот …. никој не ја превзема одговорноста да кажи што е последица. Тој е опериран во Белгија кога имаше 4 месеци“, потенцираше Бети Иваноска, мајка на предвреме родено бебе.

 

Бројот на предвреме родени бебиња во Прилеп во 2014 година е 7.7%, во 2015-та 6%, 2016-та бројката е 13%, 2017-та исто 13%, а во 2018 процентот е намален и изнесува 6,1%.

 

„Во нашата болница имаме доволно услови да ги згрижиме овие ново роденчиња, но по протоколите кај нас се згрижуваат над 32-рата гестациска недела. Инкубатори и други потребни услови ги имаме, освен респиратор, па во тој случај кога има таква потреба ние се слушаме со колегите од Клиника и тие бебиња проодолжуваат да се лекуваат таму. Над 1.500 грама имаат поголеми шанси да преживеат и за помали респираторни или кардиоваскуларни пореметувања. Тие што се со мала тежина пак има шанса да имаат поголеми проблеми и затоа се згрижуваат во клиниката за детски болести во Скопје. Инаку процентот за смртност кај овие бебиња е мал“, рече Роза Ковилоска, педијатар, началник на одделение за неонаталогија Прилеп.

 

Лекарите препорачуваат за да не доаѓа до предвремени раѓања бремените жени често да посетуваат лекар гинеколог.

 

„Пораката е до мајките редовно да контролираат бременост да не доаѓа до предвремено раѓање, бидејќи тоа се куп на грижи и за родителите и за детето, кое понатаму треба да биди следено по однос на видот, слухот, моториката и затоа редовните контроли кај гинеколог помагаат да не дојде до тоа предвремено раѓање“, изјави Ирена Москова, предијатар неонаталог.

 

Организаторите на оваа хуманитарна акција во Прилеп се надеваат дека овој настан во иднина ќе стане традиционален и секоја година ќе станува се поразвиен и поголем.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи