„До каде сме со вело-патеките?“ е мотото под кое ќе се вози Критична Маса 66 во Прилеп, а воедно и прашањето кое голем број прилепчани го поставуваат постојано.
Прилеп и понатаму останува единствен поголем град во Македонија кој нема ниту сообраќаен знак за вело – патека, а не пак функционална велосипедска патека.
„Тажна е сликата кога се асфалтираат и реконструираат улиците низ градот, а притоа пешаците и велосипедистите се комплетно заборавени. Прилеп е град со 0 км велосипедски патеки и тоа е поразителен факт, за чија промена за жал никој нема слух.
Во светот се прават велосипедски патеки од рециклирани материјали, соларни велосипедски патеки, вело-патеки кој ја апсорбираат дневната светлина и светат преку ноќ, кај нас сеуште е проблем да се намести обичен сообраќаен знак за велосипедска патека.
Прилепчани сакаат да се движат низ градот на велосипед, и во лето и во зима, и стари и млади, постојано се на небезбедните градски улици и тротоари и покрај тоа што никој не води грижа за нив и нивните потреби во сообраќајот“, велат од ПрилепНаТочак.
Време е за велосипедски патеки во Прилеп, време е за вело-инфраструктура, градот го заслужува тоа…