Шверцери искршија дел од инвентарот на МНТ за време на прославата на Денот на албанската азбука

Facebook
Twitter
Email
Print

За време на свеченото одбележување на Денот на албанската азбука, навивачката група од фудбалскиот клуб Шкупи, Шверцери го оштетија инвентарот на Македонскиот народен театар во Скопје. Припадниците на „Шверцери“ недолично се однесувале за време на прикажување на документарниот филм за нивната група, кршејќи орнаменти на седиштата и висејќи по реквизитите, поради што е направена голема материјална штета.

 

Владата на Македонија истакнува дека настанот во МНТ на кој се случило несоодветно однесување на навивачка група не е во организација на ниту една државна институција и не смее никако да се поврзува со владиниот настан за одбележување на Денот на албанската азбука кој помина во најдобар можен ред и за кој јавноста беше во целост запознаена.

 

„Владата го оценува несоодвеното однесување како злоупотреба на гостопримството во Македонскиот народен театар, и истото најостро го осудува. Очигледно е дека организаторот на овој настан, како и иницијаторот тој да биде одржан во МНТ, не го подготвиле и организирале настанот согласно стандардите и очекувањата за манифестации што се организираат во национални културни установи од највисоко значење. Владата очекува организаторот и иницијатор на настанот да ја надомести направената штета во Националната установа Македонски народен театар и да се извини на граѓаните за несоодветното однесување“, соопшти Владата.

 

И премиерот Заев, кој што присуствуваше на централната манифестација, го осуди ваквиот вандалски чин.

 

„Јас бев информиран дека учествувам во првиот дел на активностите, а тоа е делот на одбележувањето на Денот на албанската азбука, бев присутен таму, останав дури малку и на коктелот и заминавме. Ми кажаа дека има втор дел, за млади. Вториот дел не била толку културна манифестација. Треба да понесат одговорност одговорните луѓе за таа работа“, вели премиерот.

 

Според директорката на МНТ Симона Угриновска, предвидени биле серија на настани, односно централна свечена прослава на Денот на албанската азбука, а потоа меѓу другите настани и прикажување на документарен филм.

 

„Се работеше за два настана во организација на Владата и никој не очекуваше вакво нешто. Првиот дел помина во најдобар ред, свечена академија и одбележување на Денот на албанската азбука, а потоа започна вториот, за кој пратеникот Артан Груби беше координатор и ме извести дека се работи за проекција на документарен филм за Шверцери. Посетителите си влегоа културно во театарот, а тоа што се случи потоа беше голем шок. Кога започна дивеењето, јас му се јавив на Груби и го замолив тој, како авторитет, да апелира посетителите да се смират и да не прават штета. Неговиот одговор беше дека тие само си пеат навивачки песни“, нагласи Угриновска.

 

Според Артан Груби, упадот во парламентот било вандализам, е не пеењето песни од страна на навивачи.

 

„Сметам дека реакциите се абсурдни, лицемерни и преставуваат класична намерна политичка злоупотреба на настан во функција на предизборна пропаганда. Јас не сум организатор на настанот, но мора да истакнам дека театарот му припаѓа на народот, не е ВМРОвски, СДСМовски, па ниту ни на фелата, граден е со наши пари, со парите на граѓаните, а не со парите на ВМРО, ниту на фелата, и им припага на граѓаните“, вели Груби

 

Денес крим-техника треба да изврши увид и да ја процени направената штета во МНТ.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи