„Поеми“ од Соња Димовска во петок во ликовната галерија на “Марко Цепенков“

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

На 29.11.2019, петок во 13 часот во ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Поеми“ (графики на платно) од уметницата Соња Димовска.

 

Текст за изложбата од Атанас Т. Ботев

 

Сонот на пеперутката“

 

Најновата изложба на Соња Димовска претставува своевидно надоврзување на циклусот графики започнат  во 2007 со изложбата Инсектариум интро 1(Културно информативен центар) каде што авторката тематски го третира растителниот и животински свет, поточно микрокосмосот на инсектите, на еден лирско – поетичен начин. Следат изложбите Инсектариуминтро 2(Отворено графичко студио, 2007) а потоа и Соништа во длабок печат (Национална галерија – Чифте Амам, 2010) каде што Димовска ги третира флоралните и животинските приказиво симбиотска врска со човечки фигури.

 

Овојпат авторката решила да се оддалечи од нагласената илустративност и наративност карактеристични за нејзините претходни графики и да излезе од строгите ограничувачки рамки на кружниот формат во кој беа вклопени нејзните композиции. Тематски, фокусот е ставен на специфични флорални видови – сукуленти и кактуси – коишто Димовска ги одгледува во својот дом и коишто со својот облик и форма се графички исклучително податни за ликовна интерпретација. Иако формите и облиците на растенијата се третирани реалистично, авторката ја избегнала замката на ригорозна ботаничка фактографија.

 

Со ова изложба Димовска за првпат ја напушта техниката на длабок печат, печатејќи исклучиво линорез  на бело платно. За разлика од длабокиот печат кој е условен од специфична  дисциплинаи однапред промислена методологија, линорезот овозможува понепосреден и поспонтан израз и токму во тоа лежи едно од суштинските својства на источната уметност, поточно кинеското и јапонското пејзажно сликарство коишто и’ се блиски на авторката (нејзината фасцинираност со јапонските дрворези потекнува уште од студентските денови кога го копирала стилот укијо – уметничкиот смер кој цветал  од средината на 17 до средината на 19 век ).

 

Композициски, графиките се крајно симплифицирани и минималистички, сведени на Суштината, согласно источната зен мисла. Белината на платното игра клучна улога и таа е практично носечкиот елемент во приказната, соларна контемплативна белина којашто го трансцедентира Апсолутот.

 

Во услови кога Белиот човек со својот антропоцентричен, расипнички однос се однесува како да има резервна планета, Соња Димовска со својата најнова самостојна изложба како да сака да не’потсети колку е совршена и убава природата којаштолесно можеме да ја изгубиме.

 

Биографија Соња Димовска

Родена  1974 година во Скопје.

Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности – Скопје во 1998 година, на графичкиот оддел

Магистрира на Факултетот за ликовни уметности – Скопје во 2005 година, оддел графика

Член на ДЛУМ од 2000 година.

Учесник на повеќе од 70 интернационални графички изложби во земјата и странство.

e-mail: dimovskas@gmail.com

 

Награди

2008   Откупна награда за графика на телевизија Телма 2008

2007   Голема награда за графика на ДЛУМ

2001   Специјална награда на Петтото меѓународно графичко биенале, сува игла, Ужице, 2001 Србија

1999   Награда за иновации во сценскиот израз во перформансот „Будење 7“ на ФААТ – Кочани (заедно со Алтенативно студио Б-7)

 

Самостојни изложби

2019 Прилеп, графики, Поеми,Центар за култура „Марко Цепенков“;

2011 Гевгелија, графики, во склоп на „Бош“- мултимедијален фестивал;

2011 Охрид, графики, Соништа во длабок печат, Галерија Робевци;

2010 Скопје, графики, Соништа во длабок печат, НГМ, Чифте Амам;

2010 Прилеп, графики Четири циклуси 2004-2008, Центар за култура „Марко Цепенков“;

2009 Монца, Италија, графики, Padiglionedell`ArteallaMIA;

2007 Скопје, Инсектариум ИНТРО II,Отворено Графичко Студио, МГС;

2007 Скопје,Пет графички отпечатоци, Француски Културен Центар;

2007 Скопје, графики Инсектариум ИНТРО I, Културно Информативен Центар;

2007Дрезден,Германија дигитални отпечатоци,KulturrathausofDresden;

2004 Скопје, дигитални отпечатоци Сетила, Отворено Графичко Студио, МГС;

2003 Скопје, графичка инсталација, Време и простор – простор и време Културен Центар Точка;

1999 Скопје, графики, галерија на Младински Културен Центар;

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи