Градоначалникот Илија Јованоски денеска посети три фирми, добитници на грант за самовработување во висина од 5.000 евра, како дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, донесен од страна на Владата.
„Ова е еден од начините младите луѓе во што помал број да одат надвор од нашата држава, со сопствени средства и средства кои што ги доделува Владата, да формираат сопствени бизниси тука, во нашиот град. Јас како градоначалник сум задоволен што на овој начин се отвораат нови работни места, што ќе се намалува невработеноста. Општина Прилеп ќе ги поддржува ваквите проекти преку подобрување на условите за функционирање на фирмите, пред се’ со изградба на инфраструктурата, односно патишта, водоводни и канализациони мрежи“, изјави градоначалникот Јованоски.
„Во 2018 година беа доделени 85 грантови, а во 2019 склучивме 103 договори. Најголем интерес постои за отворање салони за фитнес, автолимарски работилници, трговија на мало, угостителска дејност и слично“, истакна раководителот на прилепскиот Центар за вработување, Гордана Младеноска.
Со програмата на Владата за самовработување, се подржуваат невработените лица кои добиваат неповратни средства за започнување на сопствен бизнис во висина од 5.000 евра, додека на двајца содружници им се доделуваат 10.000 евра.