Владата ги прифати барањата на еко-активистите од „Марш за чист воздух“

Facebook
Twitter
Email
Print

Владата им кажа „да“ на еко-активистите. Ќе ги исполни нивните седум барања кои ги доставија по минатонеделниот протест против аерозагадувањето.

 

„Со целосна почит за исклучителната важност на темите што ги загрижуваат сите граѓани во земјата, особено оние од најпогодените градови, Владата со внимание ги разгледа и прифати барањата кои ги поставија организаторите на „Марш за чист воздух“ како услов за одржување на средба и ја подготви оваа информација која ги опфаќа сите наведени точки“, соопштија од Владата.

 

Откако првично ја одбија поканата на Владата за преговори, 30-те еколошки граѓански здруженија кои го организираа минатонеделниот протест против загадување во Скопје упатија контра-предлог во кој бараат Владата да исполни седум од преку 200-те барања од т.н „Зелена книга“ како предуслов да седнат на заедничка маса.

 

Владата денеска објави дека решавањето на сите седум барања е во постапка.

  • Најдоцна до крајот на годината ќе биде усвоен ДУП СИ 09 Гази Баба за Вардариште. Тој моментално е на усогласување во Град Скопје и се очекува да биде усвоен на наредната седница на Советот на Градот.
  • Владата го повикува Јавното обвинителство да отвори истрага за „Охис“ и за палење на кабли низ Скопје и ги става на располагање сите доказни материјали кои се прибрани од институциите со кои раководи.
  • Владата го прифаќа барањето да се усвојат измените и дополнувањата на Законот за животна средина кои директно се однесуваат на управувањето со контаминираните подрачја. Предлог-законот ќе биде на дневниот ред на денешната седница на Генералниот колегиум на Владата, по што ќе оди на разгледување и утврдување на седница на Владата на 10 декември, а потоа и на усвојување во Собранието.
  • Се прифаќа барањето за стопирање на процедурата за усогласување на законите од областа на заштита на здравјето на луѓето, заштита на природни богатства, заштита на животна средина, заштита на културно наследство, заштита од природни и други непогоди и за комунална хигиена со Законот за прекршоци.
  • Владата ќе ја поднесе апликацијата за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко Блато како водно живеалиште од меѓународно значење до Рамсарскиот секретаријат откако ќе бидат потпишани анексот на Студијата за валоризација за Студенчишко Блато и Договорот за Студија за ревалоризација на Охридското Езеро помеѓу ГЕФ, МЖСПП и УНЕП до крајот на 2019.
  • Концесијата на „Еуромакс“ за рудникот Иловица-Штука е веќе одземена и ќе стапи на сила по завршувањето на жалбената постапка во Управниот суд, која е во тек.
  • Се прифаќа и предлогот да се одземе истечената концесија за експлоатација на рудникот Плавица и оваа одлука ќе биде донесена најдоцна до 17 декември.

 

Соопштувајќи дека ќе ги исполни барањата на еко-здруженијата Владата истовремено ја повтори поканата за средба со претставници на еко-отпорот.

 

Илјадници граѓани во петокот се собраа на најголемиот еко-марш досега. Тогаш до Владата се постави ултиматум од пет работни дена да одговори на барањата за зачувувањето на животната средина и чистиот воздух.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи