ВИДЕО – Ристески : Споменикот кај Дабница прво се постави, а по 2 дена заврши отворањето на понудите, криминал кој Јованоски сакаше да го скрие

После скандалот со бесправното градење на диво на хотел во градскиот пазар на негов роднина, милионската сума за набавка на четирите автобуси и стопираната изградба на мовчето од  500.000 евра во населбата Сточен пазар (која сума во меѓувреме може да стане и повисока), денеска одново ќе презентираме сомнежи за можна злоупотреба и сомнителни јавни набавки од стран на градоначалникот Илија Јованоски. Истакна на денешната прес конференција Петар Ристески, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

 

 

Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.

 

„Имено, градоначалникот на 3 ноември, Денот на ослободувањето на Прилеп, свечено го отвори новиот споменик посветен на масакрот кој бугарскиот окупатор го извршил во Дабница.

 

Според тендерската документација за овој споменик објавена на електронскиот систем од Бирото за јавни набавки, крајниот рок за поднесување понуди и отворање на истите за реставрација на споменикот бил 5 ноември, 13 часот, а истиот беше поставен на 3 ноември.

 

Чудно и надвор од сите законски правила и прописи, прво го поставил споменикот, а дури после два дена е отворањето на понудите за најповолен изведувач кој би го поставил истиот.

 

Соочени со ваквиот голем пропуст и сакајќи веројатно да се скријат од одговорност, тендерот бил поништен, но и покрај тоа, повторувам, споменикот беше поставен на 3 ноември.

 

Градоначалниче, јавно ве прашуваме, како, на кој начин и според кои критериуми сте избрале изведувач на овој споменик?

 

Дали е точно дека тендерот сте го поништиле бидејќи не сте добиле ниту една понуда?

 

Граѓаните на Прилеп ги интересира како и кој, без завршена тендерска постапка, без склучен договор ги заврши потребните работи и го постави споменикот?

 

Уште еднаш ве прашуваме, кој е изведувачот на работите за поставување на овој споменик, кој го избра и во каква постапка?

 

Што ли ќе лажете сега и со какви ли закани за тужби и пријави ќе се браните овој пат?

 

Секој ден поминат на власт ви е исполнет со скандали и сомнежи за незаконско трошење на парите на граѓаните. Ова е само уште еден во низата скандали, за кои ќе се бара одговорност и ќе се провери се до последен детал.

 

На градоначалникот Јованоски и власта на СДСМ одново им порачуваме, без разлика на тоа колку сте заштитени од јавното обвинителство и останатите органи на прогон, правдата ќе ве стигне после 3 јануари.

 

Република Македонија ќе ја биде, но само без вас на власт!“, додаде Ристески.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи