ВИДЕО – Започнаа подготовките за Свети Никола во Прилеп – се прават малите посни сарми, а во црквата се организира хуманитарна акција

ИЗВОР : СИТЕЛ

Во Прилеп веќе се чувствува раздвиженоста и претпразничната атмосфера за големиот христијански празник Свети Никола кој што од 2006 година е прогласен и за заштитник на градот под Марковите Кули. Годинава по 14-ти пат прилепчани ќе ја одбележат својата градска слава. Инаку Прилеп за градска слава го одбра овој светител во 2006 година затоа што скоро половината од граѓаните го имаат Свети Никола за своја куќна слава. Токму затоа прилепчани често пати на шега бараат овој ден за нив да биде прогласен за неработен затоа што ако половина град ја чека славата, другата половина од граѓаните одат некаде на гости, така што во среда буквално цел град ќе прославува.

 

 

Во видеото погледнете како годинава се подготвуваат малите посни сарми за Свети Ниикола, како и изјавите на жените од неколку здруженија и годинешниот домаќин Кире Небрежанец.

 

 

 

 

Кога ќе се спомене Свети Никола во Прилеп тоа несомнено асоцира и на богата посна трпеза составена од грав, риба и секако надалеку прочуените мали прилепски посни сарми кои што се уникатен специјалитет кој може да се најде само во Прилеп. Е токму со тие мали посни сарми во 2008 година Прилеп влезе во Гинисовата книга на рекорди кога прилепските домаќинки изготвија 60.000 посни сарми. Рекордот потоа неколкупати беше урнат, нормално од самите прилепчани, кои една година изработија дури и над 120.000 посни сарми, но во Гинис беа заведени тие првите 60.000 посни сарми.

 

 

 

 

 

До денес рекордот не е урнат, а кој би можел и да го урне и да се осмели да направи толку многу мали посни сарми. Иако посни сарми се прават во повеќе градови, но прилепските се посебни и по својата изработка и по вкусот. Минатата година домаќин на градската слава беше градоначалникот Илија Јованоски со семејството, а ова година кумството го превзеде прилепчанецот Кире Небрежанец.

 

Кире Небрежанец, годинашен домаќин на славата

 

Одбележувањето на празникот во Прилеп ќе започне уште утрината на 19-ти со Божествена литургија во црквата Свето Благовештение со која традиционално ќе чиноначалствува Митрополитот Преспанско-Пелагониски, Владиката Петар, а свое присуство годинава најави и Архиепископот на МП-ОА, Г.Г. Стефан. По литургијата одбележувањето продолжува со мал водосвет и режење на славскиот колач кај параклисот на Свети Никола во центарот на Прилеп. Потоа за сите присутни традиционалн ќе биде послужена посната трпеза на булеварот „Гоце Делчев“ исто во центарот на градот.

 

 

 

Кога ќе се спомене Свети Никола најголема асоцијација е и хуманоста. Во овој момент во Прилеп се одржува веќе традицоналниот Свети Николски турнир во мал фудбал, собраните средства од турнирот ќе бидат донирани за нашиот сограѓанин Дејан Најдоски. Исто така здружението „Епилепсија Македонија“ постави повеќе кошнициии во поголемите маркети во Прилеп каде граѓаните може да донираат храна.

 

А исто за овој повод за празникот Свети Никола по 11-ти пат започна хуманитарната во сите православни храмови во Прилеп каде се поставени посебно означени црвени кутии каде граѓаниите можат да донираат средства за социјално загрозените семејства.

 

 

 

По тој повод се повикуваат сите граѓани кои имаат можност да донираат парични средства. Кутиите во црквите ќе бидат поставени до 30 декември, по што со собраните пари ќе бидат купени прехранбени производи и средства за лична хигиена кои ќе се донираат на оние кои имата најголема потреба за тоа. За празникот на Св. Николај Чудотворец од 08ч.до 14ч.ќе се продаваат црковни свеќи пред параклисот во центарот на градот и средствата ќе бидат наменети за истата цел.

 

Секоја година се собираат по околу 100 пакети, така што еден апел ајде оваа година да бидеме што е можно похумани за да може нашата помош да стигне до што поголем број семејства и тие граѓани да го почувствуваат празничниот дух за да можат достојно да ги одбележат претстојните Божикни празници.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.