Прилепчанецот Петар бил првиот македонски енолог со диплома, дипломиран во Чешка

Иако Тиквешијата е најголем и најпознат лозаровинарски регион во Македонија, прилепчанецот Петар бил првиот енолог од Македонија со диплома, дипломиран во Чешка. Ова уште пред пет години ми го кажа психијатарот Јован Велески од Прилеп, кој како голем љубител на лозаровинарството многу истражувал на оваа тема, а располага и со многубројни стари фотографии поврзани со грозјето и виното на овие простори.

 

 „Во државниот архив има две најстари семејства од овие простори во записите од 15 век, едното е од Кратово, а другото е семејството Поп-Антоски од Прилеп. Прилепското семејство го добило презимето по попот Антон, кој некаде од Украина се доселил да служи во околината на манастирот „Св. Архангел Михаил“ во Варош кај Прилеп. Оттогаш наваму оваа фамилијарна лоза давала 400 години во континуитет попови во варошките цркви (ги има 7 – 8 многу стари) и во Прилеп. Постои едно семејно предание според кое попот Антон одгледувал лозје во близината на манастирот под Марковите кули, од кое се правело вино за причесна. Турците Османлии му наредиле да го уништи лозјето, а тој само ги исекол ластарите и ги покрил пењушките со нив за да ги заштити. Но луѓето кои врвеле си земале од прачките и ги засадувале скришум. Така се одржала таа стара сорта на лоза низ регионот на Варош и Заград, каде што од памтивек се одгледувале лозја во Прилепско, покрај стените Каракамен и Црвени Стени. И ден-денес постои локален назив за стара прачка „попантоска“, која алудира на некоја стара лоза што се затекнала во лозјата, во тој регион“, го започна тој разговорот со мене.

 

 

Приказната продолжува во почетокот на 20 век

 

„Тогаш во фамилијата се родил човек кој поради физичка мана не можел да биде поп, па таа улога му била наменета на неговиот син Петар. Но Петар бил паметно и многу современо момче и очекувал од животот многу повеќе одошто одржување на семејната традиција. Бидејќи не се сложувал со таквата намера на семејството, самостојно заминал за Белград, па за Прага, каде што останал да работи една година и да учи јазик. Но генот си е ген, и Петар се определил да студира агрономија за лозарство и винарство, која ја завршил во 1928 година. Не знам дали имало  некој друг во земјава кој имал универзитетска диплома од оваа област, но мислам дека Петар е првиот човек со академско образование“, раскажа Велески.

 

Бил полиглот, зборувал четири јазици

 

Петар бил полиглот, зборувал четири јазици и бил многу начитан човек.

 

„Следел секаква литература што се појавувала во светот во тоа време. Семејството пренесува дека Петар студирал заедно со внук на кралот Александар Први Караѓорѓевиќ, кој бил задолжен за подигање на лозовите насади и винарската визба во Демир Капија, прва на Балканот. Тој присуствувал на тие настани и стручно се практицирал на самото место во Демир Капија, поради контактите што ги имал со својот колега од кралското семејство. Речиси истиот саден материјал што бил употребен во Демир Капија, а бил увезен од Франција со брод преку Марсеј до Солун, Петар го донел во Прилеп. Во близината на местото Каракамен на најубавата југозападна експозиција, на местото на старите лозја, подигнал лозови насади на површина од 2,6 хектари“, додаде мојот соговорник.

 

 

Од тоа лозје е останата ефективно родна една мала парацела со сортата першунаста шасла бела, која ја одржува неговиот внук од брат Драган, исто така агроном.

 

„Јас лично го познавав чичко Петар, читав од неговите книги и гледав како го прави виното. Имаше едноставна филозофија. Белото вино да биде што посвежо и попитко, а црното да биде што појако, погусто, но и лесно за пиење. Сакаше млади вина зашто велеше дека се полни со живот и енергија. Сепак, најмногу мерак имаше да прави розови вина. Сè уште го чувствувам вкусот во устата на неговото розово вино направено од сортите лисичина, пловдина и станушина. Фантастично свежо, овошно, лесно вино со цветни мириси на момина солза. Ги познавам и другите начини на правање вино по неговиот терк, а имам и дел од неговиот саден материјал во моето лозје“, откри Велески.

 

Од него дознав дека во животот на Петар сепак не било сè така подмачкано, па ја имал таа судбина да служи седум години војник во три различни војски, во српската и бугарската, но и како партизан на Сремскиот фронт. Професионално работел во Институтот за тутун во Прилеп, зашто морал поради разни околности, но и покрај тоа го одгледувал лозјето и дури имал расадник од 4,5 декари.

 

„Работеше многу физички, но по работата беше господин човек, со пењоар седеше во својата домашна библиотека и читаше книги. Почина на нешто повеќе од 70 години, во 1976 година“, со восхит се сеќава психијатарот, човек кој како хоби милува да прави вино, а професионално работи меѓу другото и на полето на борбата против алкохолизмот, па порачува дека пиењето со мера е корисно за здравјето.

 

 

Внуката му посвети книга

 

Во градот на виното, Кавадарци, во чест на денот на младото вино, кога се избираа најдобри вина произведени во домашни услови, во организација на македонското Здружение на винари, беше промовирана книгата „Каде што реката го бакнуваше небото” од проф. Билјана Тинтоска, за првиот дипломиран македонски енолог во Чешка.

 

„Нам ни беше од голема чест што оваа животна приказна на еден голем човек се презентираше токму на овој убав ден, Денот на младото вино“, рече Елена Богева, потпретседателка на Здружението.

 

Задоволство изрази и Тинтоска.

 

„Мојата радост и возбуда е уште поголема бидејќи знам дека овде сум меѓу луѓе кои имаат исти интереси со оној што беше и уште е парадигма на моите животни определби. Тоа е мојот дедо Петар Поп-Антоски, ваш колега по професија, а мој водач низ животот“, рече авторката.

 

Таа нагласи дека овој роман во голема мера е инспириран од личноста на нејзиниот дедо, првиот дипломиран енолог, винаролозар во државата, школуван во Чешка, на Универзитетот во Прага и Мелник.

 

„Почитувани, оваа книга не е документарен приказ за неговиот живот, туку уметничка верзија на прикажување на печатот што тој го остави врз мене како врз своја внука, која порасна со него, уметнички приказ на неговата личност во која на еден романтичен начин се преплетуваа љубовта како врвна и совршена категорија, љубовта кон Бога и кон луѓето и љубовта кон неговата професија, чиј врвен производ беше неговото височество – виното. Имајќи среќа да растам покрај дедо ми, имав можност да знам многу нешта врзани за винарството и неговите тајни. Сите мои спомени од детството се врзани за нашето лозје на Каракамен, каде што тој со огромна љубов и посветеност ги обработуваше лозовите насади, на плантажа од еден хектар. Ги негуваше како што се негува дете, им се љубуваше како што му се љубува на чедо додека расте и напредува, се радуваше на богатиот и извонреден род. Во многу мои спомени од детството ја чувам нашата визба ископана под куќата, во која беше сместена голема вградена бочва како цела соба. Уште живо се сеќавам на моментите кога дедо ми ја чистеше, влегувајќи внатре во неа, обуен во специјални гумени чизми за таа намена, па ја подготвуваше да го смести во неа богатиот род. А потоа, со љубовна посветеност ги создаваше вината, кои за него беа една посебна димензија. За него виното беше како уметничко дело, уметничка креација“, раскажа таа.

 

Тинтоска додаде дека сите спомени за детството се врзани за него.

 

„Покрај него растев, од него учев, тој ме воспитуваше. На мојот дедо му должам многу повеќе одошто можам да ви откријам со обични зборови. Тоа ќе ви го открие мојата книга“, рече таа.

 

 

Во центарот на вниманието во овој роман е младешката платонска љубов на Поп-Антоски со девојка од Прага, која заради каприците на нејзиниот татко не се остварила.

 

„Тој можам слободно да речам дека уште во тоа време носел поголема европска вредност од луѓето кои географски живееле во земјите на развиена Европа. Во мојата меморија постојано живее сликата за дедо ми, седнат под лозницата од стара сорта грозје без семки, за слатко, крај масата. Тој облечен во кафен бадемантил, а пред него чаша вино од неговото производство, тацна со соодветен вид сирење според виното“, се сеќаваше авторката на книгата.

 

Љубовта кон виното продолжува и во семејството на внуката, а нејзиниот сопруг Сашо освои злато за белото вино темјаника на натпреварот за младо вино.

 

И уште нешто за крај. Како што нагласи Велески, правењето вино е како да држиш шарена пеперутка на дланките.

 

„Ако ја стегнеш со рацете, ќе ѝ ги уништиш боите, а можеби и ќе ѝ ги оштетиш крилјата, па не ќе може да лета. Ако ги држиш рацете отворени, ќе ти избега. Затоа мора да бидеш смирен, опуштен и да чекаш, да ти ги покаже најубавите бои“, нагласи тој.

 

Извор: МИА

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи