Сопругот на Силвија Стојановска организатор, таа помагала околу шверцот на 700 кг. кокаин

Facebook
Twitter
Email
Print

Македонската полиција во соработка со меѓународните партнери од Шпанија и САД во акцијата „Колибри“ прекинала шверц на дрога, 700 килограми кокаин кој од Колумбија требало да стигне до Шпанија. Станува збор за акцијата од 18 овој месец, кога беа уапсени 5 лица, а по 2 сеуште се трага. Дрогата е запленета во Шпанија, а се проценува дека нејзината вредност на пазарот би достигнала 20 милиони евра, изјави денес на прес конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

 

Главни организатори на целата операција биле браќата Владимир и Воислав Будисавјевиќ, одамна познати на полицијата, а, според обвинението, логистички им помагала и сопругата на Воислав, актерката Силвија Стојановска, со тоа што резервирала апартман во Мадрид и го платила со своја картична.

 

„Лидер на оваа група е првопријавениот В.Б., кој заради впишана забрана за патување во земјите од ЕУ, го ангажирал неговиот брат резидент на Белгија. Од јуни до декември остварувале редовни контакти за договарање на сите детали за пренос на кокаинот. Откако биле договорени сите детали, на почетокот на декември С.С. по инструкции на нејзинито партнер В.Б. резервирала апартман во Мадрид на име на неговиот брат и истиот го платила со сопствена кредитна картичка. С.С. во октомври отпатувала во Мадрид преку Софија, за во име на нејзиниот сопруг од непознат шпански државјанин да подигне 10.000 евра, најверојатно за криминални активности на оваа мрежа“, кажа Спасовски.

 

Криминалната група имала средби во Скопје, Канкун, Дубаи, Србија и преку интернет комуникација со висока заштита.

 

Јавниот обвинител Маја Коневска кажа дека во рамките на истрагата бил спроведен претрес на две локации во Скопје, при што се најдени доволно докази да се докаже основно сомневање за вмешаноста на двајцата приведени лица за недозволена трговија со дрога.

 

„Првоосомничениот веќе има пресуда за сторено исто такво кривично дело и затоа за него е побарана мерка притвор, додека осомничената е прв пат сторител на кривично дело поради што доби домашен притвор“, објасни Маја Коневска, обвинител за гонење организиран криминал и корупција

 

Покрај браќата Будисавјевиќ и актерката Стојановска, уапсени се и уште двајца шпански државјани, а се трага по еден грчки и еден турски државјанин. Сите се сомничат за неовластено производство и пуштање во промет на наркотици.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи