Утврдена дискриминација по основ на етничка припадност од Општина Прилеп и „Водовод“

Апелациониот суд Битола утврди дискриминација по основ на етничка припадност извршена со оневозможување пристап до чиста и здрава вода за пиење.

 

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) ја информира јавноста дека на 13.12.2019 година Апелациониот суд Битола донесе пресуда со која ја преиначи пресудата на Основен суд Прилеп и утврди дека Општина Прилеп и ЈКП „Водовод и канализација“ Прилеп извршиле дискриминација спрема тужителите, со тоа што им  оневозможиле пристап до чиста и здрава вода за пиење.

 

Тужителите, припадници на ромската заедница, живеат на периферијата од градот каде не им е овозможен пристап до чиста и здрава вода за пиење за разлика од останатите граѓани на Прилеп, од друга етничка припадност, кои живеат во непосредна близина.  Тужителите, во постапка поддржана од МЗМП, побараа судска заштита сметајќи дека правото на еднаков третман со неовозможувањето пристап до чиста и здрава вода за пиење е резултат на нивната припадност на ромската етничка заедница која живее во РСМ. Основниот суд во Прилеп ја одби нивната тужба како неоснована на што тужителите изјавија жалба.

 

Апелациониот суд во Битола жалбата ја уважи и првостепената пресуда ја преиначи во корист на тужителите. Според Судот, тужените, Општина Прилеп и ЈКП „Водовод и канализација“ не успеале да докажат дека не извршиле дискриминација, и поради тоа ја усвоил тужбата. Со ова Судот непосредно и правилно го применил правилото  според кое товарот на докажување дали постои или не дискриминација е на страната на тужените, не на тужителите. Со ваквата одлука се создава позитивна судска пракса која го олеснува пристапот до правда на жртвите на дискриминација.

 

За поздравување е и примената на Судот на одредбата од Уставот на РСМ според која водата е издигната на степен добро од општ интерес за државата како и на резулуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации A/Res/64/292 од 28.7.2010 год. со која пристапот до вода, водовод и канализација е признато како човеково право. Судот ја применува и судската пракса на Европскиот суд за човекови права, според која непристојните услови за живот кои се последица на недостиг до пристап на здрава вода за пиење и одржување на личната хигиена можат да доведат до нивото на страдање што го предвидува член 3 од Европската конвенција за човековите права и го повредува правото на семеен и приватен живот, член 8 од конвенцијата.

 

МЗМП ја поздравува одлуката на Судот и истакнува дека оваа пресуда е од големо значење поради тоа што правото на чиста вода за пиење во пресуда на домашен суд е издигнато како основно човеково право и дека државата мора да превземе активни мерки да се обезбеди дека секое лице и секоја група имаат еднаков пристап до чиста вода за пиење.

 

Тужителите беа застапувана од адвокат Емил Паришко од Битола, член на тимот на адвокати на Македонското здружение на млади правници.

 

Извор: myla.org.mk

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи