ВИДЕО – Им изгоре се што имаа, куќата и покуќнината – семејството Димоски од прилепско Сенокос моли за помош

 

Им изгоре буквално се што имаа и печалеле со години. Огнената стихија за само половина час до темел го уништи домот и целата покуќнина на 3 членото семејство Димоски, од прилепското село Сенокос. Пожарот кој се случи пред два дена започнал вечерта околу 9.30 часот од таванскиот простор на куќата. Прво се слушнало некое тропање од таванот, но за брзо време огнот се проширил по целиот објект.

 

 

„Видов некоја светлина, излегов надвор, ја зедов скалата и се качив на таван. Видов се зафатено со пламен. Кога излегов во дворот почнав да викам по комшиите, сопругата и таа на телефон звонеше. Потоа земав црева и се качив да гаснам колку можам“, истакна Борис Димоски, сопственик на изгорената куќа.

 

На помош веднаш досле сите нивни соседи и роднини од селото. Велат дека пожарникарите веднаш не можеле да гаснат затоа што се доцнело со исклучувањето на струјата.

 

„Иако дојде пожарната сепак поради тоа што ЕВН треба да ја исклучи струјата тие доцнеа, ги оставија цревата и чекаа исклучување. Се доценеше и не можеше веднаш да се интервенира“, рече Тони Димоски, роднина на Борис Димоски.

 

Борис Димоски вели дека живеат само од нешто малку тутун и пензија од 6.000 денари која ја зема неговата мајка. Тој и сопругата не се вработени. Неговата 84 годишна мајка има крајно нарушено здравје, а сопругата ризична бременост. Очајно моли за помош.

 

„Ништо не ми остана, дури и облеката што сега ја носам ми е позајмена за да се облечам. Барам и упатувам апел до сите институции и добронамерни луѓе за да кој е во можност , колку може да ми дадат помош, било финансиска, било материјална, бидејќи сега сме на улица“, додаде Димоски.

 

Сега се сместени кај роднини. Димоски се надеваат на итна помош од институциите по нивниот апел и дека за брзо време ќе можат да се вратат во својот дом.

 

 

Сите оние кои сакаат да го контактираат семејството Димоски тоа можат да го направат на тел: 076-615-173.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.