ВИДЕО – Тут-Ком Прилеп за првпат по децении во добивка, прокнижени 39,2 милиони денари плус за 2019, конечно излезе од групата на 4-те загубари

Имајќи во предвид дека се работи за компанија со доминантна државна сопственост , но и останати акционери, а со цел за транспарентност Ви ги презентираме финансиските резултати на Тутунски Комбинат АД Прилеп за деловната 2019 година. Финансискиот резултат за „Тутунски комбинат АД Прилеп“ за период 01.01.2019 -31.12.2019 покажува добивка во износ од 39 милиони 220 илјади 427  денари. Истакна на денешната прес конференција Кире Станкоски, генерален директор на Тутунски Комбинат АД Прилеп.

 

 

Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.

 

„Причината за остварување на овој позитивен финансиски резултат лежи во подобрување на продуктивноста во Тутунски комбинат АД Прилеп. Поголемата продуктивност се должи на  заминувањето на 222 лица на доброволна основа со отпремнина. Голем удел имаат и приходите од вложувањата во неповрзани и поврзани друштва, односно во уделот на ТКП во  компанијата Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп ДОО Скопје.

 

Оперативните приходи се зголемени за  3%, односно од 945 милиони 925 илјади денари на 974 милиони 625 илјади денари.

 

Оперативните расходи се намалени за 16,8% односно од 1 милијарда 186 милиони 685 илјади денари во 2018 на 1 милијарда 015 милиони 158 илјади денари во 2019. Намалувањето на оперативните расходи најмногу е изразено кај ставката „Трошоци за вработени“ и истото се должи на реализираниот ВЛП-пакет. Исто така  намалување има и во ставката „Набавна вредност на стоки„ пред се поради зголемениот број на реализирани инвестиции во ТКП, кои што допринесуваат за значително намалување на трошоците , пред се на потрошокот на ел. енергија.

 

Трошоци за вработени во 2019 година изнесуваат 126 милиони 055 илјади денари и има намалување  во однос на 2018 година, кога изнесувале 374 милиони 073 илјади  денари. Причината за ова намалување се должи пред се на реализацијата на програмата за доброволно заминување на вработените. Реализацијата на оваа програма во овој период на Тутунски комбинат АД Прилеп му обезбеди финансиска стабилност и ликвидност на краток и на долг рок.

 

Финансиските приходи во 2019 година изнесуваат 124 милиони 935 илјади  денари или има зголемување во однос на 2018 година, кога изнесувале 94 милиони 054 илјади денари. Ова зголемување се должи на резервираните приходите од вложувањата во неповрзани друштва, односно е резултат на очекувани приходи како резултат на  позитивното работење на заедничката компанија Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп ДОО Скопје, во која ТКП има свој удел во акции во вредност од 49%.

 

Оперативна добивка за периодот 01.01.2019 – 31.12.2019 година изнесува 39 милиони 220 илјади 427 денари  наспроти оперативната загуба од претходна 2018 година 188 милиони 210 илјади денари, која што како што  спомнавме се должи на реализираниот ВЛП-пакет со кој што ТКП на доброволна основа го напуштија 222 лица, како и на реализираните многубројни инвестиции за зголемување на енергетската ефикасност кој што значително ги намалија трошоците по основ на енергија во друштвото.

 

Мора да се напомене дека добивката целосно ќе се искористи за покривање на загуби од минати години. Покрај ова платата на сите вработени во 2019 година е зголемена за 25%.

 

Заштедите по основ на енергетска ефикасност се огромни и тоа во следново:

 

-Се инвестираше во санација на дел од оштетени лимени кровови и комплетна санација на клима коморите во Погон цигари.

-Се направи комплетно нова внатрешна хидранстка мрежа во Погон Цигари, што беше еден од најзначајните услови и барања од нашиот стратешки партнер.

-Исто така се реализираше можеби една од најбитните инвестиции во ТКП, со која што максимално се подобри енергетската ефикасност, која што во комбинација со претходните инвестиции  во менување на старата и дотраена дограма  со нова и современа енергетски ефикасна ПВЦ – дограма дава фантастични резултати, а тоа е инвестицијата во набавка и монтажа на нови инвертер клима уреди со најдобри перформанси во заштедата на електрична енергија.

-Тука мора да се напомене дека, оваа инвестиција целосно се исплати односно средствата кои што беа издвоени за реализација на оваа инвестиција целосно се повратија за само еден месец, што пак укажува на тоа дека се прават огромни заштеди на ел.енергија и потрошок на  метан.

 

Како резултат на постигнување на услови и стандарди во моментов во ТКП се произведува најголемиот глобален бренд на Филип Морис – Marlboro , како и Chesterfield и Bond.

 

Производството на цигари во однос на 2018 година е зголемено за 15%. Тутунот од реколта 2018 година е во целост продаден што е за 5% повеќе од претходната година.

 

Со овие показатели и планови кои ги имаме за нареднава година  со сигурност може да се каже дека Тут-Ком Прилеп излезе од групата на 4 (четирите) загубари“, истакна Станкоски.

 

Одговарајќи на новиинарски прашања Станкоскии рече дека во моментов како компанија пред се биле преокупирани околу разговорите и преговорите со нивниот стратешки партнер околу продавањето на тутунот од реколта 2019. Очекувале да му го продадат над 90% од целиот тутун што го откупиле. Станкоски рече дека Тутунскии комбинат ги исплатил сите тутунопроизводители кои го предале тутунот. Тоа ги чинело околу 11 милиони евра.

 

„Исто така во делот на цигарната фабрика со дополнителни модернизации очекуваме да има дополнително зголемено производство на цигари. Планираме дополнителна инвестиција во летниот период околу загревање на просторот во цигарна фабрика со воведување на таканаречени топлотни пумпи, со цел да имаме дополнителни заштеди. Ако успееме тоа да го направиме тоа ќе биде огромна работа, бидејќи во комплет ќе го исфрлиме метанот како грејно средство, кое во овој момент на ваков начин на кој се користи ни претставува огромна ставка на трошок“, реле Станкоски.

 

Во моментов Тут-Ком Прилеп имал стално вработени 235, што била оптимална бројка, бројка која има 100% продуктивност, но се размислувало и за зголемување на бројот на стално вработени. Станкоски потенцираше и тоа дека единствениот спас за Тутунски комбинат е приватизација.

 

„Мене лично да ме прашате тоа би било најдобрата опција за Тутунски комбинат, бидејќи конкуренцијата е жестока на пазарот и остануваат само големите светски играчи. Се надевам дека државата размислува во таа насока, не можам да потврдам со сигурност, но се надевам дека се размислува во таа насока. Единствениот спас за Тутунски комбинат е приватизација со една од трите големи светски компании, тоа е мој лично видување. Засега нема таква одлука. Стратешкиот партнер размислува во таа насока, но кога ќе дојде денот за реализација, кој сеуште не е дојден. Не случајно е склучен овој договор на 10 години и ние сме некаде на средина од овој договор. Еден дел од тој договор, еден сегмент од тој договор, мора да размислуваме во таа насока. Значи три компании се големи, светски останати, ние имаме работа со една од најголемите и затоа се нашите вложувања во делот на покажување на интелект, капацитет, стручност и обезбедување на услови и стандарди за производство. Јас сум претставник на државата да го менаџирам овој комбинат, за што после 3 ипол години сме горди што успеавме од загубар да го доведиме во компанија со позитивна завршна сметка и горди сме на тоа, но не сум тој што одлучува за оваа работа. Јас сум поставен како менаџер да го изменаџирам процесот Тутунски комбинат да излези од групата на 4 загубари, што денеска се покажува дека е така, а државата е сопственик и таа ќе одлучи што понатаму ќе прави“, истакна Станкоски.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи