ВИДЕО – Тримир одбележан во Прилеп со многу адети, дознајте зошто се слави, но и зошто одат само жени, а не и мажи

Традиционално како и секоја година со дружење, забава и познатата посна тримирска трпеза Здружението на жени „Преродба“ од Прилеп, го одбележа Тримир, односно третиот ден од Велигденските пости. Според православната традиција, на почетокот на велигденските пости, оние христијани кои држат Тримир ниту јадат, ниту пијат од понеделник до среда, во средата одат на литургија каде се причестуваат, а потоа за прв пат после три дена конзумираат храна и вода. Денес малку мина го практикуваат тоа. Жените денес повеќе се собираат на Тримир кога одат да ја посетат мајката на младата невеста.

 

 

„Се слави заради млади невести, свршениците, се канат кај мајките за да се прослави, сето тоа е посно. Мајката подготвува, а доаѓаат сваќите, свекрвата, ќерката, сестри на свекрвата, братучеди, внуки, кој што сака да си ги покани“, рече Добринка Илиеска, здружение на жени „Преродба“.

 

„Се изменило, сега младите поубави работи прават, поинтересни, и кравајчиња и погачи поинтересно ги украсуваат, некогаш не така. На младата, бидеќи е верена и се носат поклони на овој ден, секогаш“, истакна Зора Галева, здружение на жени „Преродба“.

 

 

 

 

 

Интересно е тоа што на Тримир се саканат и одат само жени, а не мажи. Менче Пеоска има свое објаснување за ова зошто е тоа така. Раскажува што прават жените за Трмир некогаш и сега.

 

„Само жени ти се кажувало тогаш и вицеви, „мрсни“ приказни, сега ние не знаеме такви приказни. Насамо ќе си кажеме, а вака пред сите не. За домаќинлакот некогаш ќе се собереа, секоја плеталото и везалото го носеше, сега си правиме муабет меѓу себе. Сите ги извадоа телефоните, што ќе зборуваме“, вели Менче Пеоска, здружение на жени „Преродба“.

 

Карактеристично е тоа што бидејќи се пости се дава и посна трпеза составена најчесто од грав, посна сарма, зелник, кравајче, баклава, а на овој ден се пие исто така според традицијата во Прилеп и боза. А најуникатен специјалитет е пченица со конопни зрна.

 

„Порано ја требеле пченицата, ја толчеле, а сега пресно ја вариш, конопните зрна и нив не ги толчиме, во блендерот нека се сомелат, исцеди го со млака вода, ако туриш топла вода тоа се попарува и ќе бидат модри, а онака е бела пченицата. Пченицата била за род, и невестата да роди бебе и жито да се роди за сите да јадиме“, додаде Менче Пеоска, здружение на жени „Преродба“.

 

 

 

 

Целта на ова здружение, кое брои 80-тина членови, е зачувувавање на традицијата.

 

„Мислам дека ние сме една од последните генерации кои доследно ги пренесуваме овие адети, така да ги кажам од нашите баби и мајки. Денес младите доста изменуваат во ваквото празнување, ние сакаме да се задржи, но младите сакаат нешто ново, па ние ќе се прилагодиме. Ем ќе кажеме нешто што ние сме го работеле, ние како ги празнуваме, меѓутоа ќе примиме нешто и од младите“, изјави Лилјана Ѓорѓиоска, здружение на жени „Преродба“.

 

А како и секоја седенка со вкусна храна на крајот дружбата на здружението „Преродба“ заврши и со традиционални македонски песни.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи