Започнува реализацијата на проектот „Прилепско езеро – Нови авантури, нови можности“

 

 

Откако на крајот на јануари минатата година членовите на Советот на општина Прилеп го усвоија урбанистичкиот план за КО „Дабница“, а Општина Прилеп ги имплементираше сите потребни мерки и активности, со потпишување на договорите со изведувачот и надзорниот орган од страна на градоначалникот Илија Јованоски, започнува реализацијата на еден од најатрактивните проекти во општина Прилеп – „Прилепско езеро – Нови авантури, нови можности“.

 

Рокот за изведување на градежните работи на проектот е 6 месеци, а со него ќе се подобри и унапреди областа околу езерото и ќе се придонесе за промоција на овој атрактивен , кој е популарно излетничко место за прилепчани.

 

На почетокот на октомври минатата година, во Општина Прилеп беше организирана јавна презентација на Планот за управување со животната средина и социјалните аспекти, за потпроектот „Прилепско езеро – Нови авантури, нови можности“. Тогаш беше презентиран списокот на активности и интервенции кои се предвидени со проектот, со посебен осврт на мерките од списокот за проверка на Планот за управување со животната средина и социјалните аспекти. Притоа, проект менаџерот на овој потпроект, Борче Јанкулоски истакна дека тој е изработен врз основа на Националната правна рамка и Политиката за заштита на животната средина и социјална политика на Светска банка.

 

„Во проектот е планирано да се изведат 5 поединечни потпроекти: изведба на целосно осветлена велосипедска патека од потегот ‘Маркова чешма’ до с.Присад во должина од 7,3 километри и ширина од 3 метри, со простор за паркинг на велосипеди, уредување на пристапна улица со паркинг простор од некогашниот мотел на вештачкото езеро. Оттаму продолжува рекреативно-излетничката зона, како дел од проектот за уредување на мултимедијален простор за изведување на културни и забавни манифестации, концерти и место за дружење на посетителите,  со 3 тераси, 6 летниковци и урбана опрема. Исто така, планирано е да се изградат две асфалтни спортски игралишта за кошарка, пинг-понг и за одбојка, пешачка патека во должина од 750 метри, а ќе бидат поставени и клупи и канделабри. Имплементацијата на проектот има за цел да ја зголеми пристапноста на ова подрачје како зона за активен туризам и да го врати некогашниот сјај на езерото“, изјави Јанкулоски.

 

Поаѓајќи од фактот дека спортско-рекреативниот комплекс е на оддалеченост од околу 6 километри од градот, со изградба на планираните содржини се очекува тој да биде најпосетуваната локација за граѓаните на општина Прилеп, кои ќе имаат можност да ги користат сите содржини за спорт, рекреација, излети во природа.

 

Изведувач на работите на проектот е компанијата „Ленди груп ДООЕЛ“ од Скопје, а надзорот на работите ќе ги врши „Диви Македонија ДОО“, исто така од Скопје.

 

Потпроектот „Прилепско езеро – Нови авантури, нови можности“ е со износ од 850.000 евра. Финансиран со средства од ЕУ и сопствено учество на Општина Прилеп, а администриран од проектната канцеларија на Светска банка.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи