Пандемиски крик кон Христа!

 

 

Автор : Свештеник Златко Ангелески

 

Тука си и денес, секој ден си тука меѓу нас! И убеден сум дека ќе бидеш и утре, и следниот месец, и постојано, до крајот…

 

Живееш меѓу нас, тука покрај нас, на оваа заразена земја, која е и Твоја и наша, на оваа земја, на која и Ти си бил дете меѓу децата; и маченик – погубен  меѓу разбојниците. Живееш и денес на истава оваа земја, која Ти ја возљуби; на оваа човечка земја Ти живееш еден живот, кој не е човечки, кој, можеби е невидлив за оние, кои Те бараат, а денес си можеби и во животот на некој беден просјак, кому луѓето му подаваат парче леб, не знаејќи дека Ти го подаваат Тебе.

 

Ама, еве, Христе, денес дојде време пак да ни се јавиш нам и на оваа наша генерација да ни дадеш еден јасен и непобитен знак! Христе, Ти и денес ги гледаш нашиве неволји, ама гледаш и до кој степен дојдоа овие наши несреќи; Ти денес мораш да знаеш колку сме ужасно бедни, колку сме очајни, колку сме исплашени, колку сме паднати, колку сме изгубени! Токму денес Ти добро знаеш колку многу ни е потребна Твојата помош, колку ни е потребно Твоето враќање!

 

Затоа, врати се Христе, макар и за кусо време! Едноставно, дојди веднаш и оди си веднаш, ама само појави се! И кога ќе се појавиш, кажи ни само еден единствен збор на заминување; отвори го небото, со небеска молња осветли ја ноќта и темнината која ја завитка земјава овие дни; дај ни само еден миг од Својата вечност, само еден збор од Твоето молчење!

 

Потребен си ни Ти, Христе, во овие дни, единствено Ти, Ти – и никој друг. Единствено Ти, кој нè љубиш; Ти, кој можеш да го имаш она чувство на сожалување, кое секој од нас го има кон самиот себе! Само Ти можеш да почувствуваш колку силно, колку неизмерно си ни потребен нам, во овој свет, во ова време. Никој друг, никој од сите живи, никој од оние што спијат во калта и тињата на својата слава, не може да ни го даде нам – на просјаците, она добро кое би нè спасило од сета наша беда, од сета наша несреќа. Ти си ни потребен на сите, па дури и на оние што не Те познаваат, и на оние што Те мразат, и  на оние кои Те плукаат, и на оние кое Ти го вртат грбот, и на оние кои велат дека Те нема! Гледам, по продавнициве, гладните мислат дека им треба брашно и леб, а всушност, гладни се за Тебе! Жедниве мислат дека треба да купат вода за да ја заситат својата жед, а жедни се за Тебе! А болниве!? Ние болниве се лажиме дека ни треба здравје, ама забораваме дека нашата болест ни дојде токму затоа што Тебе Те нема повеќе покрај нас.

 

 

Секој еден, кој бара убавина во светов, не забележувајќи Те бара Тебе; секој еден, кој чезнее за вистината во светов, не забележувајќи чезнее за Тебе, Кој си единствена Вистина; а кој тежнее за мир, тежнее за Тебе, зашто само во Тебе можат да најдат мир и спокојство и најнемирните срца. Сите тие Те повикуваат Тебе, иако не знаат дека Токму Тебе Те бараат, и нивниот крик е неискажливо поболен од нашиот.

 

А денес, Христе, ние не Те повикуваме и не Те бараме затоа што нашата суета нè тера да Те видиме, како што Те виделе Галилејците и Јудејците, ниту затоа што сакаме со радост во срцата да ги видиме Твоите очи, а ниту затоа што сакаме заради својата будалеста гордост да ја придобиеме твојата благонаклоност! Ние денес не Те бараме да ни дојдеш во славата небесна, ниту во светлината со која се преобрази на гората Тавор, ниту во придружба на звуците на ангелските труби! Христе, Ти многу убаво ја знаеш денешната смерност во нашиот крик. Денес ние Те сакаме само Тебе, Твојата личност, Твоето страдално, прободено и рането тело; Те сакаме Тебе, во Твојата скромна дрводелска риза; сакаме да ги видиме Твоите очи, кои длабоко продираат во нашите гради и срца, кои лекуваат, кога прекорно нè гледаат, и кои рани ни нанесуваат, кога од нив нежност извира. И сакаме да го слушнеме Твојот глас кој ги плаши демоните, иако е благопријатен; кој ги восхитува децата, иако е громогласен!

 

Ти знаеш колку многу токму денес ни се потребни Твојот поглед и Твојот збор. Ти добро знаеш дека еден Твој поглед може да ги измени нашите души, дека еден Твој збор може да нè извлече од ѓубриштето на нашата бескрајна беда. Едноставно, Ти многу подобро од нас знаеш дека токму денес Твоето присуство е многу попотребно од било кога, токму во овој век, кој Тебе не Те познава.

 

Ти се роди за да нè спасиш, ни говореше за да нè спасиш, беше распнат за да нè спасиш, и воскресна за да нè спасиш! А нам денес, во овие сиви и зли дни, преполни со ужас и болка, неискажливо ни е потребно да бидеме спасени!

 

Ако Ти беше некаков завидлив и гневен Бог, кој држи лутина, ако Ти беше Бог Кој сака освета, ако Ти беше само правичен, а не и Љубов, тогаш Ти немаше да ја слушнеш оваа наша молитва и овој наш крик. Зашто, сè злобно што можевме ние да Ти направиме – Ти направивме, и додека беше жив, но и по Твојата смрт, и тоа многу повеќе по Твојата смрт. Оттогаш навака милиони Јуди секојдневно се бакнуваат правејќи трансакции за бедни 30 сребреници; легиони фарисеи секојдневно Те осудуваат како злосторник, Кој заслужува да биде погубен и милиони пати Те распнуваат во мислите и желбите; вечниот џган на одвратни горделивци секојдневно Те плука и шамари; а додворувачите, подлизурковците, седнатите в скут, слугите на оние, чии раце се полни со нечесни пари и власт, секојдневно Те тепаат по грбот и качат трње на Твоето чело; и илјадници Пилати, облечени во шарени алишта, излезени од сауни и бањи, намирисани, убаво избричени и исчешлани, секојдневно Те предаваат на Твоите џелати; и безбројни усти, од кои базди винска киселина, секојдневно бараат да се пуштат на слобода докажани злосторници, познати и масовни убијци, докажани педофили, за да можат повторно да Те одвлечкаат на Голгота, и да Ти заковаат р’ѓосани шајки во Твоите пречисти раце.

 

 

Ама Ти, Христе, си ни простувал сè и секогаш! Ти, Кој си бил меѓу нас, знаеш многу убаво како изгледа дното на нашата проклета душа! Ние сме само мивки и изроди, минливо и распадливо лисје, сопствени џелати, расфрлани монструми, кои се прпелаат во сопственото зло, исто како што новороденчето се прпела во измочаните пелени, како што пијаницата се валка во повратеното, како закланиот во својата крв, како губавиот во својот гној… Те отфрливме од нас, зашто беше премногу чист за нас; Те осудивме на смрт, зашто ни пречеше Твојот живот!

 

Ама, еве, дојде време, кога не сме пијани, туку мортус сме направени! Нашата нискост никогаш не била толку ниска, а нашата беда толку бедна! Земјава се претвори во пекол, но за наша ронка среќа, сонцево уште има договор со Тебе за да нè грее. Поплавите ни носат земјотреси, земјотресите ни носат глад, гладот ни носи војни, војните ни носат зарази, а еве, заразите ни донесоа пандемија! И сега ја полниме утробата на земјата со нашите трупови, а богатите држави ги осудуваат сиромашните на уште поголем глад, за да може новиот светски поредок, користејќи ја пропаста на државите и системите, да вовлекува цели нации во беда, колеж и несреќа.

 

На сите страни гледаме бурен хаос, метеж без цел, острастени и очајни луѓе… Колку крвави војни се случија на оваа страдална земја, за да може човештвото да одлучи чија нива ќе биде поголема и чија торба ќе биде пополна. Слугите на Мамон го уфрлија својот Калибан во бескрајните непријателски ровови, за да бидат уште побогати, а непријателите уште посиромашни. Но, овој страшен факт не донесе корист никому. Посиромашни отколку што беа, погладни од претходно, сите тие се вратија пред земниот бог на трговијата, за да му ги принесат на жртва својот мир и туѓиот живот. Така, блажената „трговија“ и светата „монета“ завладеаја со луѓето уште повеќе. Кој има малку, сака многу; кој има многу, сака уште повеќе; кој добил повеќе – сака сè! Минувајќи ги годините во мрзливост и зачауреност, човекот потроши сè и сешто, па трезвените постанаа алчни; ситите постанаа ненаситни, чесните постанаа арамии… Под плаштот на трговијата се извршува каматарење и арамилак. Оние, кои ги злоупотребуваат државните пари, постанаа нивни чувари, а лупењето на кожата од грбот на луѓето постана правило за сите олигарси! Бесрамноста на богатите им всади во главите на сите дека на оваа земја, која конечно се ослободи од небото, вреди само златото и она што може да се купи со него.

 

Во ова заразено мочуриште, денес секоја вера и верба загинува и оди во неповрат! Светот денес има една и единствена вера, која се состои во ова возвишено тројство: Вотан, Мамон и Пријап, што значи: Моќта, чиј симбол е Мечот, а храм Касарните; Богатството, чиј симбол е Златото, а храм Берзите; Телото, чиј симбол е Фалусот, а храм Борделите! Оваа вера владее по целата земја и сè живо ја исповеда и со дела, и со зборови. Старите семејни вредности се распаѓаат: бракот е поткопан со блуд и прељуба; чедораѓањето е поткопано со абортусите; содомијата има свои славопојци и свои домови…

 

Нема повеќе ни Монархии, ни Републики. Сите форми на владеење се измама и лага. Плутократијата и Демагогијата, сестрите по дух и цел, се натпреваруваат кој да владее над бунтовната банда!

 

Ама Христе, Ти сето ова го знаеш и гледаш дека по втор пат се исполни времето за овој болен и здивен свет да биде или казнет со огнен дожд, или спасен со Твоето застапништво! Еднаш Ти убаво ни рече: „Ако некој е сам, Јас Сум со него. Помести го каменот, ќе Ме најдеш; расцепи го дрвото, и во него Сум!“ Ама за да Те најдеме и под каменот и во дрвото, потребно е да имаме волја да Те бараме, моќ да Те видиме. А денес, многу од луѓето не сакаат и не умеат да Те бараат и да Те најдат. Затоа Христе, ние, Те молиме; ние, отпаднатите и грешните; ние кои сме се родиле во невреме; ние, кои сè уште се сеќаваме на тебе и кои се трудиме да живееме со Тебе, но кои сме сè уште далеку од Тебе; ние, кои останавме последни, кои заталкавме и дојдовме до крајот од бездната; ние очајните, кои и денес сакаме да ги затвориме вратите од Твоите храмови; ние, простите, кои сакаме да ги затвориме устите пред Светата Чаша и кои сакаме да ни се залепат усните за да не го целиваме Твојот Преслаток лик на иконите; ние, очајните, кои ја изгубивме секоја вера и надеж и кои оглуевевме на повикот – „Со страв Божји, вера и љубов пристапете!“, токму ние и таквите, Те молиме уште еднаш да се вратиш меѓу нас, ние, кои Те убивме, кои и понатака Те убиваме, па нам, убијците, да ни внесеш светлина во мрачните затворски ќелии од нашите напатени души!

 

 

А Ти, по Твоето славно Воскресение, им се јави на живите. И на оние, кои мислеа дека Те мразат, и на оние, кои посакуваа Ти да не си Син Божи, на сите ним им го покажа Своето лице и им говореше со Својот глас. Ти беше светлина за апостолот Павле по неговите патишта; Ти беше пот во подвизите на Кирил и Методиј, на Климент и Наум од Охрид, на Сава, Горазд и Ангелариј; Ти беше оган и крв за Ѓорѓи, маченикот од Кратово, за Злата, маченичката од Меглен; Ти беше совршена љубов во пештерите на Гаврил од Лесново, на Јован од Рила, на Јоаким од Осогово, на Прохор од Пчиња. И ако веќе си бил поткрепа на поединци, зошто денес да нè ни бидеш поткрепа за сите нас? Ако сите тие биле достојни да Те видат заради нивната искрена надеж, тогаш, зошто сите ние не можеме да се повикаме на своето страшно очајание? Ако си се одѕвал на восхитувањето на светите, зошто да не погледнеш врз плачот, болката и лелекот на нас, кои сме проклети? Зар не ни рече дека Ти дојде овде, на земјава, заради болните, а не заради здравите; заради оние, кои пропаднале, а не заради оние, кои се сочувале? Никогаш, ама никогаш, како денес не ни бил потребен Твојот Радосен Глас и никогаш како денес истиот тој Глас не бил толку заборавен и презрен. Царството на ѓаволот денес е во целосен подем, а спасот, кој сите го бараме, талкајќи по мракот, може да се најде само во Твоето Царство.

 

И оваа денешна приказна се ближи кон својот крај. Луѓето, откако се оддалечија од Евангелието, најдоа само очајание и смрт. Повеќе од едно ветување и повеќе од една закана, денес веќе се исполнија. И нам, бедните, ни останува само уште една и единствена надеж – надежта во Твоето враќање! Ако не дојдеш и не ги разбудиш јадниците, кои спијат во смрдливите одаи на својот пекол, тоа е знак дека казната за нашето вероломство изгледа уште е блага и мала и дека Ти не сакаш да ги престапиш Своите закони. Затоа, нека биде волјата Твоја, и сега, и во векови, и на земјата, како што е и на небото.

 

А ние, ние, кои сме последни, ќе Те чекаме. Ќе Те чекаме секој ден, и покрај тоа што не сме достојни да Те пречекаме. И сета љубов, што сè уште ја имаме во нашите опустошени срца ќе биде Твоја, Распнат и Воскреснат Христе, Кој си бил мачен заради нас, и си воскреснал заради нас, и кој и денес нè искушуваш со сета сила на Својата неизменлива љубов. Амин!

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.