ВИДЕО – Бумбароски : Наставниците, но и родителите да престанат да ја отежнуваат и онака сложената ситуација со онлајн наставата

 

Онлајн наставата е дел од вонредната состојба во државава со која треба да си ја олесниме работата, а не да си создаваме дополнителни тешкотии. Никој од нас не живее во дворец со 10 соби за да може секој член од семејството да си работи онлајн во посебна просторија. Ова е ставот на наставникот Гоце Бумбароски од Прилеп кој во јавноста стана познат по неговите креативни и нестандардни часови каде учениците пеат, играат, се забавуваат, но и серизно се пристапува кон наставниот материјал. Бумбароски има апел и до неговите колеги, но и до родителите кои сега сакаат да ја преземат улогата на наставник.

 

 

„Ние наставниците не треба да ја отежнуваме ситуацијата во која сега се наоѓаат дел од родителите и дел од семејствата. Јас не можам да имам слика за секое семејство посебно и затоа образованието е конципирано да се изведува во образовни институции каде сите сме еднакви и сите подеднакво функционираме. Ако јас дадам едно задолжение не сум сигурен дека сите родители можат на ист начин да го пренесат тоа. Не е фер од родителите да бараме да изигруваат наставници, тука треба да поставиме граници. Тука и еден апел до родителите да не се внесуваат во улога на наставници и дополнително да ги оптоваруваат учениците“, изјави Гоце Бумбароски, наставик во ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп.

 

Според Бумбароски сепак оваа карантин состојба била одлилен тест за семејството и плодна почва за децата, за да се промени, како што тој ја нарекува, воспитната трагедија која се случувала подолг период наназад. Односно да се воспостави одново таа изгубена поврзаност на родителите со децата.

 

„Децата се премногу стимулирани и премногу опкружени со материјални предмети и се лишени од основите на здравото детство, а тоа се емоционално достапни родители, јасно дефинирани граници, одговорности, балансирана исхрана, соодветно спиење, креативна игра и социјална интеракција. А наместо сето ова во сите овие изминати години децата се исполнети со дигитално расеани родители, волшебни и попустливи родители кои им дозволуваат на децата да управуваат со светот и да ги поставуваат правилата“, додаде Бумбароски.

 

Бумбароски вели дека постојано е во контакт со своите ученици онлајн, му праќаат дури и фотографии и видеа од тоа како работат дома. Се надева дека набрзо ќе заврши оваа состојба и дека повторно ќе се види со учениците во нивната училница.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи