Еден од нашите вработените е моментално во самоизолација, затоа што беше во контакт со првопосочените позитивни пациенти. Се уште трае изолацијата, една недела веќе помина. Ова денеска го истакна Оливера Аџиоска, директорка на Здравствен дом Прилеп.
„Вработената е лаборант и засега нема никакви симптоми, се надевам нема да има и во наредните 7 дена. Доколку нема ништо во сите 14 дена, знаете процедурата е 15-от ден да се јави нормално на работа“, рече Аџиоска.
Според Аџиоска од Министерството за здравство имале насока секоја општина и секој Здравствен дом дополнително да отвори согласно наредбата еден до два нови пунктови за тестирање на корона вирус.
„Нашиот Здравствен дом е задолжен, се уште непрецизно со еден до два такви пунктови. До овој момент, кога излегов од работа, и до крајот на работното време сум обврзана да го известам Министерството колку ќе бидат, накнадно ќе бидеме исконсултирани дали ќе бидат еден или два, ние ќе работиме буквално процедурално, се она што ни го посочија со таа наредба. Пунктовите треба да бидат изолирани, треба да има протокол каде да се наоѓаат и како ќе биде сето тоа реализирано. Во моментот размислуваме, имаме време до 16 часот да го известиме Министерството каде ќе бидат тие два пункта, затоа што наредбата е дека еден од пунктовите може да биде во било кој објект на здравствениот дом. Ние такви услови имаме и во руралните средини“, додаде Аџиоска.