ВИДЕО – Јованоски : Згрозен сум од вчерашниот обид на ВМРО-ДПМНЕ да го злоупотреби коронавирусот и да внеси нови поделби меѓу граѓаните

Денеска одржавме состанок на кризниот штаб на општина Прилеп, при што ја разгледавме состојбата со коронавирусот во нашата општина. Во текот на изминатото деноноќие регистрирани се 3 нови случаи на зараза со коронавирусот и 2 оздравени случаи. Во моментот на инфективното одделение на Општата болница во Прилеп хоспитализирани се 21 пациент, од нив позитивни се 16, а за 5 се чека резултат, додека 36 граѓани се на домашно лекување. Истакна градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, на денешната прес конференција.

 

 

Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.

 

„Вкупно од почетокот на пандемијата 193 наши сограѓани се заразиле со коронавирус, од нив 63 се активни случаи, а оздравени се 118. Има и 12 смртни случаи. Вкупната бројка на извршени тестирања од коронавирусот во Центарот за јавно здравје и инфективното одделение во Прилеп изнесува 906.

 

Во правец на ваквата ситуација со вирусот Ковид-19 во нашата општина, сакам и како градоначалник, како лекар, но пред се како човек, да кажам дека сум згрозен од вчерашната намера на опозициската ВМРО-ДПМНЕ злоупотребувајќи ја состојбата со коронавирусот да внеси нови поделби меѓу граѓаните во нашата општина. Никој нема право да стигматизира и да дискриминира ниту една етничка заедница, дека токму тие се најпогодени од коронавирусот, во случајот Ромите од населбата Тризла 2.

 

Сакам да потенцирам дека од болеста подеднакво се погодени граѓаните од сите етнички заедници, Македонци, Роми, Турци и сите останати. Процентот на заразени граѓани во Тризла 2 е ист како процентот на заразени граѓани во другите урбани заедници, Центар, Вишне, Ѓогдере, Точила итн. Сепак, ние продолжуваме со спроведување на мерките на заштита на колективното здравје на граѓаните на општина Прилеп.

 

Во текот на викендов ја продолжуваме акцијата за дезинфекција на улиците, на јавните површини и зградите во градот.

 

Во оваа прилика сакам да ги информирам граѓаните дека комплетно е завршена постапката за субвенционирање на инверот клими и велосипеди. Во текот на следната недела Општина Прилеп на трансакционите сметки на сите граѓани кои ги исполниле условите на јавниот повик ќе им ги префрли средствата за набавените клими и велосипеди.

 

Исто така во наредната недела ќе ја распределиме и донацијата од 100 таблет компјутери, кои тетовското семејство Дестани, преку компанијата Еколог, ги донираше за учениците од социјално загрозените семејства на општина Прилеп.

 

Уште еднаш ја користам оваа прилика да им порачам на граѓаните на нашата општина да се придржуваат до мерките и препораките на Владата, Министерството за здравство и комисијата за заразни болести и да не се злоупотребува олабавувањето на мерките. Апелирам до моите сограѓани да ги почитуваат мерките за превенција и претпазливост од Ковид-19, редовна и почеста дезифенција на рацете и работните површини, носење заштитни маски, држење на дистанца и да нема групирање на повеќе граѓани. Со тоа ќе го зачуваме личното здравје и здравјето на нашите најблиски.

 

Сакам посебно да се обратам до повозрасната категорија на граѓани, лицата над 67 години, особено оние со хронични болести, и покрај олабавувањето на мерките што помалку да ги напуштаат своите домови и на тој начин да се заштита себе си и своите семејства“, вели Јованоски.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи