Кузевски : Поради крајната неодговорност на одредени поединци во Прилеп, страдаше целата заедница, затоа резултатот е ваков како што е

Почитувани сограѓани поминаа 54 дена од првиот официјално регистриран случај на Ковид 19 во нашиот град. Два месеци изминати во стрес и агонија како да се избориме со невидливиот противник кој толку многу ни напакости и ни одзеде човечки животи на наши Прилепчани, ни ја одзеде слободата, но и ни направи огромна економска штета. Епидемиологијата е наука која користи доста статистички податоци и врз основа на истите превзема соодветни мерки и активности, затоа најпрвин сакам да ве запознаам со статистичките податоци до 16.05.2020 год. кои се однесуваат за нашата Општина.

 

Вкупен број на регистрирани случаи на Ковид 19 е 197 од нив 120 се оздравени не го употребувам зборот излекувани бидеjќи „експертите“ ќе се јават веднаш како ги лекувате кога нема лек, но нејсе тоа во друга прилика.

 

12 се починати – 9 од машки пол 3 од женски пол што значи дека мажите за 3 пати повеќе умирале во однос на жените најмладиот починат е на 55 години највозрасниот на 88 годишна возраст, а додека 65 се активни случаи. Во однос на возраста најмладиот инфициран е на 1 годишна возраст, а нај возрасниот на 93 години, во односот на полот 101 се од женски пол, а 96 од  машки пол. Инциденцата ( број на новоинфицирани, новозаразени лица на одредена територија спрема бројот на население на истата територија) за Прилеп изнесува 206,7 на 100.000 жители кое е за 2,5 пати повисоко од инциденцата на ниво на цела држава а по број на активни случаи на 100.000 население сме на прво место. Во однос на леталитетот горе долу сме на ниво на републичкиот просек

 

Но, ако сакаме да се споредуваме со поединечни градови, а пред се тука ни се првите соседи Битолчани од нив сме се инфицирале за 8 пати повеќе од Кавадарчани за 18 пати повеќе од Тетовчани и Штипјани 3 пати повеќе од Скопјани за 2 пати повеќе е засега само Кумановчани се пред нас. И сето ова би било добро ако стануваше збор за спортски натпревар а не за опака болест која остава последици врз сите нас.

 

Во однос на стратегијата и борбата со корона вирусот се што правевме и правиме е да купиме време и да ја развлекуваме епидемиската крива со цел да не го оптеретиме здравствениот систем за да можиме да пружиме здравствена заштита на населението а од друга страна да добиеме се повеќе нови информации од светските истражувачки центри во однос на дијагностика, третман и превенција на ова заболување.

 

Како град Прилеп во првата фаза  на првата линија на борба со патниците кои се враќаа од земји со среден и висок ризик се справивме добро и не случајно првите случаи во Прилеп ги имавме после 1 месец од првиот официјално потврден случај во Македонија, но кога стигнавме во втората фаза, а тоа е локална трансмисија во самиот град се случи ова што се случи и за кое имаме толкав број на инфицирани лица. Да не бидам погрешно разбран, но кога имате борба со ваков непријател и кога се наметнати некакви правила и прописи, кои треба да се почитуваат, индивидуалната одговорност е многу голема и не допустливо е поради неодговорнаста на одредени поединци да страда целата заедница.

 

Кога зборувам за индивидуална одговорност мислам на тоа дека секој си е господар на сопствениот живот и можи што сака да прави со истиот, но никако истовремено со неговото неразумно однесување да го загрузува здравјето на останатите во заедницата. Ништо не беше крив дедо Божо во својата длабока старост да почини поради некој на кој му се пиало кафе со него. За жал во Прилеп ние се соочивме токму со таков проблем како епидемиолог сум сведок на крајно неодговорно однесување на одредени сограѓани кои ни направија и сеуште прават доста проблеми да се справиме со ова криза.

 

Тоа е тој прилепски табиет и инает абе ајде ова е обичен грип, не чипуваат , 5 Г итн,итн. Крајно е неодговорно да дојдиш на тестирање за корона вирус поради имање на симптоми на истиот и од тука да продолжиш на работното место каде ги изложуваш на ризик своите колеги, крајно е неодговорно кога си се тестирал, а јас како епидемиолог наредниот ден ти се јавувам да ти соопштам резултат, а во позадина слушам џагор и ми кажуваш дека имаш 8 луѓе гости на кафе, крајно е неодговорно кога на сопствена рака земате лекарства и се лекувате цела фамилија и по 10 дена барате здравствена помош, а во меѓувреме контактирате и изложувате на ризик еден куп луѓе, крајно е неодговорно кога кријате контакти, а со истото тоа им правите поголема штета наместо благовремено да ги заштитиме.

 

Компаниите како огромни семејства видовме во изминатиов период кои и како функционираат, кои вистински се грижат за своите вработени, а кои само декларативно. За жал ние ја имавме таа несреќа да уште на почетокот имаме неколку различни кластери на случаеви во неколку компании. Е после тоа е многу тешко сите епидемиолошки да ги поврзиш следиш и да го прекиниш епидемиолошкиот ланец.

 

Да не испадни дека сите се криви само здравствените власти НЕ во однос на тоа би кажал дека во изминативе сите години не успеавме да изградиме авторитети, не успеавме по се изгледа доволно здравствено да го едуцираме населението, не успеавме навремено да тестираме и добиваме резултати, едноставно не успеавме да имаме доверба од народот за да ги слуша сите наши препораки. Но едно сакам да знаете сите ние кои сме вклучени во заштита на вашето здравје во оваа пандемија неуморно работиме и ќе работиме од матични лекари, итна медицинска помош, инфектолози и епидемиолози.

 

Сега сме во трета фаза на епидемијата кога веќе се олабавуваат рестриктивните мерки по мое мислење најтешката фаза за нас прилепчани бидеќи ние при карантини и забрани не успеавме, а не пак со протоколи и препораки. Светски познатата стратегија за справување со корона пандемијата The Hammer and The Dance ( чеканот и танцот) во која чеканот е симбол на сите рестриктивни мерки и карантинот, а танцот танцот ни е директно поврзан со базичниот репродукциски број кој засега кај нас е под 1 (означува дека едно инфицирано лице може да зарази т.е да го пренесе вирусот на помалку од 1 друго осетливо лице.) овај процент на пренос можиме да го одржиме само со почитување на сите протоколи и мерки.

 

На прилепски сето ова би значело дека со чеканот мавнавме чипо, а со танцот засега танцуваме танго, но вие граѓаните сте музиката, се се плашам дека има можност да засвирите побрз ритам наместо да го завршиме танцот и да се поздравиме со аплауз.

 

Останете во добро здравје!

 

Автор : д-р. Горан Кузевски, спец.епидемиолог

 

Превземање на текстот од други медиуми не е дозволено!!!

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.