ВИДЕО – Турски бизнисмен со потекло од Македонија донира медицинска опрема вредна 65.000 евра за прилепската болница

Турскиот бизнисмен со потекло од Македонија, од селото Јакреново, Крушевско, Насер Алим донираше медицинска опрема во вредност од 65.000 евра за општата болница во Прилеп. Вели дека идејата му била да направам еден ваков потег, за да видат сите наши бизнисмени, без разлика дали живеат во прилепскиот регион или во странство за да и тие направат, како што вели, нешто добро за својот народ. Иако живее во Турција, Македонија секогаш ја носел во срцето и мислите. Планира и поголеми инвестиции тука во наредните 2 години.

 

 

Г-дине Алим ваша донација деновиве треба да пристигне во прилепската општа болница која се состои од медицинска опрема. Како се одлучивте на овој чекор и зошто сакате да донирате во вашиот роден крај ?

 

Јас сум роден во Македонија, сега живеам и работам во Турција, но родниот крај е роден крај, ние никогаш не го забораваме и секогаш сме тука присутни, ако не физички, со нашите мисли секако. Сите луѓе кои живеат во тој регион имаат максимално право на најдобра медицинска заштита. Овие денови сега се денови на солидарност и денови на борба против Ковид 19. Утре ќе се избориме со оваа болест, но ќе дојдат и други проблеми, затоа ние мора да ги осовременуваме болниците за да можат тука вработените лекари и медицински сестри да имаат добри услови за работа, но и пациентите да ја добијат потребната здравствена заштита.

 

Јас сакам да запалам еден пламен, да направам еден потег, за да видат сите наши бизнисмени, дали живеат во прилепскиот регион или во странство да направат и тие нешто добро за својот народот. Македонија долго време не правеше никакви реформи, последната Влада направи такви големи чекори и направи добри услови за иинвестиции во Македонија. Што е особено важно. СО влезот во НАТО и преговорите со ЕУ Владата направи добри услови и не поттикнува и нас што живееме во странство да доаѓаме и да инвестираме во Македонија.

 

 

 

Во што се состои вашата донација и колкава е нејзината висина ?

 

Нашата донација се состои од 10 кревети за интензивна нега, 20 обични кревети, маси за пациентите, кревет за итна ургентна реакција, носилки, болнички колички за инвалиди и неподвижни луѓе. Нашата донација е некаде околу 65.000 евра. Таа ќе стигне во Прилеп некаде во вторник. Сакам да повторам дека нашата идеја и цел е да се има подобри услови во болницата во Прилеп.

 

Споменавте и тоа дека се отвораат можности за нови инвестиции, па дали вашата компанија од Турција би можела да размислува за инвестирање тука во Македонија ?

 

Македонија е во фокусот за инвестиции на нашата компанија и во наредните 2 години планираме неколку проекти за инвестиции. Едната наша компанија е за производство на мебел, а другата за енергија. Планираме да инвестираме во два вида на производство на енергија во Македонија, соларна енергија и другата е хидро енергија.

 

Со што се занимавате како компанија во Турција ?

 

Првата наша работа беше со трговија на иверица и медијапан за мебел уште во 1999 година. Другата дејност започна во 2010 година, зедовме една фабрика за производство на пластична фолија. Потоа за 4 години инвестиравме околу 30 милиони долари. Денеска имаме околу 250 вработени во фабриката и 50% од производството е за извоз.

 

Како се викаат вашите компании ?

 

Во Турција имаме 2 компании, едната се вика „Алим орман“ до две филијали, една во Скопје, другата во Бар, Црна Гора. А другата компанија се вика „Бојут пластик“ и две филијали една во Белград, а друга во Лондон.

 

Најактуелно е тоа што започнавме со производство на заштитни маски. Направивме една брза инвестиција од околу 2 милиони долари. Така што дневно работиме по околу 300.000 маски. И голем дел од нив додека беше кризата ние дониравме во Турција. А сега од овој месец веќе работиме за извоз и внатрешниот пазар.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.