Д-р Здравески: Кардиохирургијата е врв во медицината, исклучително сум среќен што бев дел од тимот кој испиша историја

 

 

На покана на градоначалникот Илија Јованоски, денеска Општина Прилеп ја посети д-р Вангел Здравески, најмладиот член на медицинскиот тим кој на Клиниката за кардиохирургија успешно ја изврши првата трансплантација на срце.

 

Честитајќи му на огромниот медицински подвиг кој го направи тимот од медицински работници предводен од д-р Сашко Јовев, градоначалникот Јованоски го изрази своето задоволство што еден толку млад човек, кој има само 31 година, го даде својот придонес во успешно извршената трансплантација на срце, прва во нашата држава.

 

Јованоски нагласи дека она што него како човек и како лекар го прави уште повеќе горд, е фактот дека д-р Вангел Здравески, чија мајка е прилепчанка, основното и средното образование ги завршил во Прилеп, за да подоцна со успех го заврши и Медицинскиот факултет во Скопје, како еден од најдобрите студенти во генерацијата.

 

Д-р Здравески рече дека е исклучително среќен што беше дел од тимот кој ја испиша историјата на нашето здравство, уште повеќе заради спасениот живот на 52 годишниот пациент. Тој истакна дека трансплантацијата на срце е најтешката интервенција, која истовремено претставува тест за еден здравствен систем, и тоа не само од хируршкиот аспект на операцијата, туку и од понатамошната терапија која пациентите треба да ја примаат, со цел да не дојде до отфрлање на трансплантираниот орган.

 

За д-р Здравески, кардиохирургијата е врв во медицината, бидејќи иако секоја медицинска гранка си има своја тежина, без срце нема пумпање на крв низ телото, без што нема ни живот. Тој потенцираше дека Универзитетска клиника за државна кардиохирургија располага со целокупната медицинска опрема која е неопходна за извршување на овие кардиохируршки зафати, а во моментов ги имаат и најголемите и најопремените сали во нашата држава.

 

Д-р Здравески со гордост истакнува дека Универзитетската клиника пред две години прва ја започна програмата за третман на пациенти со срцева слабост и вградување на вештачки срца и дека неодамнешната трансплантацијата на срце од донор, е круна на целиот тој процес и вложениот труд.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.