ВИДЕО – Јованоски : Кајтсурфинг е уметност на вода, ова е нов спорт во Македонија со кој се занимаваат само 20-тина луѓе

ИЗВОР: СИТЕЛ

Наш соговорник е македонскиот параглајдерист Борјан Јованоски, кој што беше втор на светската ранг листа во прецизно слетување, но сега ќе го претставиме во едно подруго светло, со еден малку поинаков спорт од параглајдингот, наречен кајтсурфинг.

 

 

Борјан како што споменавме освен со параглајдинот се занимаваш и со еден доста интересен друг спорт, таканаречен кајтсурфинг, или нешто слично на едрење на вода. За што точно станува збор?

 

Точно, овој спорт е еден од поновите спортови во светот, се појавува околу 70-80-тите години во Франција, кога двајца браќа кои се занимаваат со стандардното традиционално едрење пробуваат да направат некоја нова направа, која ќе ја врши истата функција, но ќе се одвива на многу поразличен начин. Кајтсурфингот е спорт кој што најчесто е застапен во приморските делови, бидејќи таму ветерот е поконстантен и поламинарен. Во нашата држава овој спорт не е многу развијан, не има околу 20-тина кајтсурфери, ентузијасти кои сакаат да го практикуваат и да се занимаваат со овој спорт.

 

Кога е донесен во Македонија овој спорт?

 

Моите сознанија за луѓе кои се занимаваат со овој спорт се дека првиот кајтсурфер во Македонија бил околу 2000-та година и покрај него постепено почнува да се развива тој спорт.

 

Станува збор за онаа даска за едрење, плус сега ставаме некаков параглајдер?

 

Значи станува збор за спорт во кој како составен дел од опремата претставува бордот, тоа може да биде twin tip или directional борд, како сурферите и змеј или летало кое лета во воздухот и искористувајќи го ветрот можете да развиете брзина и со таа брзина да одите upwind или downwind.

 

Каде најчесто вежбате, каде најчесто се собирате?

 

Во Македонија поволни услови за кајтсурфинг има на Преспанското Езеро, Дојранското и на езерото Мантово во Штип. На Преспанското Езеро досега сме кајтале на сите правци на ветар, додека на Дојранското Езеро и на езерото Мантово најчесто поволни се ветровите кои доаѓаат од југ.

 

Колку е тежок овој спорт, кога ќе се спореди со параглајдингот дали има некаква разлика?

 

За овој спорт да биде возможен сепак оние кои сакаат да пробаат треба да имаат добри вештини за пливање, видејќи се одвива во вода и да се физички спремни. Како спорт можеме да го издвоиме во спортови со средна тежина на учење, малку е потежок од параглајдингот, бидејќи треба да споиме неколку вештини, како глисирањето на водата со даската и управувањето на кајтот. Додека кај параглајдингот потребно е само управувањето на параглајдерот.

 

 

За колку време ти го совлада?

 

Во рок од една недела може да се каже дека може да се стекнат основни вештини за кајтање.

 

Во однос на параглајдингот, чинењето на опремата е поскап или поевтин спорт?

 

Скоро исто.

 

Опремата се набавува во Македонија, или треба да ја порачаш од странство?

 

Од странство.

 

 

Доколку некој искаже желба и сака да го проба овој спорт, каде може да се обрати, каде може практично да проба кајтсурфинг?

 

Ние официјално како клуб функционираме од 2017 година, може да не исконтактира нас на социјалните мрежи, Фејсбук или Инстаграм, kitesports.mk е името на нашето здружение. Сите оние кои се заинтересирани нека не контактираат, имаме дружби, организирани денови каде може да го пробаат кајтсурфингот.

 

Рековте дека во Македонија мали се условите за развој на овој спорт, колку често има такви ветрови па ги искористувате да имате сурфање?

 

Ако во странство во приморските држави се сурфа секој ден, кај нас може да споредам дека сурфаме месечно околу 9-10 денови, каде можеме успешно да го извршуваме овој спорт.

 

Од што се состои опремата во овој спорт и дали како и во другите спортови и тука имаме различни дисциплини?

 

Опремата на овој спорт се состои како основни елементи, бордот со кој ние глисираме и кајтот. Составни елементи се барот, односно сите тие линии и конци со кои е поврзано леталото за нас, и седиштето како елемент со кој ние сме врзани и фиксирани, бидејќи во овој спорт може да се прават и фристајл елементи како скокови. Сепак тоа е една доста добро тестирана опрема која треба да ги издржува сите тие скокови и сила на притисок. Има неколку дисциплини во овој спорт, како што се фристајл, фрирајд и фоилинг.

 

Она што е интересно за кајтсурфингот е дека освен на водена површина, може да се изведува и во зимски услови, односно на снег?

 

Точно така, тоа би го нарекле сноукајт. Како сноукајт елементи можат да се искористат скиите или сноубордот, со што се врши истата функција како на вода, но овој пат е на снег.

 

Што е потешко, на снег или на вода?

 

Според мене потешко е на снег поради триењето на површината на скиите и на снегот. На вода е полесно и учењето на вода е полесно и побезбедно.

 

Кај нас дали се применува во зимски услови овој спорт?

 

 

Да, се применува во зимски услови. На Попова Шапка имаме колеги од Бугарија кои секоја година прават кампови и доаѓаат да го практикуваат овој спорт, па заедно со нас имаме различни активности.

 

 

 

Еве за крај, да се префрлиме и на твојот првичен спорт што го имаш, а тоа е параглајдингот. Моментално знаеме дека во Македонија, особено во крушевскиот регион се прекинати сите натпревари поради корона ситуацијата, што се случува на овој план?

 

За жал поради пандемијата со коронавирусот сите натпревари и во странство и во нашата држава беа стопирани. Се надеваме дека во блиска иднина со нови препораки и нови мерки ќе имаме можност да се натпреваруваме и да организираме некакви активности, се со цел развој на спортот и во нашиот регион, но и во светот. За жал пандемијата го направи своето и треба еден период на опоравување во сите сфери на светот, да помини за нештата да станат повторно во онаа иста првобитна состојба.

 

Значи оваа година тешко да има натпревари на параглајдинг на светско ниво?

 

Можеби нешто во есенскиот период, но се уште не знаеме. Светската воздухопловна федерација постојано објавува за нивните одлуки, кои натпревари можат или имаат право да се организираат, со цел натпреварувачите да можат да ги планираат своите активности во оваа година.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.