Мицкоски фатен во затворен дел од кафеана, интервенирала и ЕБР да не се избришат снимките, инспекцијата не можела да влезе во објектот 2 часа?

Лидер на политичка партија вечерва бил затекнат во затворен дел од угостителски објект на улица „Боемска” во Скопје, а на инспекторите кои сакале да извршат увид не им бил дозволен влез во објектот.

 

Според информациите кои вечерва ги објавија повеќе медиуми станува збор за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. На угостителските објекти од неодамна им е дозволено да работат, но само на терасите, а не и во затворените простории.

 

Како што пишува пак порталот A1он во ресторанот морала да интервенира и Единицата за брзо распоредување бидејќи се бришеле снимки од надзорните камери на кои се гледа Мицкоски.

 

За инцидентот вечерва информираше претседателката на одделението за Инспекциски надзор – Скопје на вонредна прес-конференција.

 

„Во 18:15 часот Инспекторатот беше спречен да изврши увид во еден угостителски објект, со образложение дека тој е од затворен тип и дека нема гости внатре. Колегите продолжија и во другите објекти со контрола, но се вратија во истиот објект со барање да им се отвори објектот за да се изврши надзор. По два часа успеавме да влеземе во објектот, но претходно имаше други дејствија односно излегоа луѓе од објектот. Нормално, инспекторите не може да вршат легитимирање, но препознаен е претседател на политичка партија“, изјави Мери Проја Продановска од Државниот пазарен инспекторат.

 

Угостителскиот објект ќе добие кривична пријава по членовите 205 и 206 за непочитување на владините мерки против ширење на коронавирусот, рече раководителката, зашто се објавуваше дејност во објектот и пријава за непочитување на инспекциски надзор.

 

„Да се свестиме веќе еднаш ситуацијата е повеќе од драматична. Јавната свест мора да ја има“, со овие зборови Продановска  им се обрати на политичарите и на носителите на функции.

 

Во сила е сè уште забраната за вршење на дејност на угостителските објекти во внатрешноста, дозволено е да служат гости само во деловите т.н. летни тераси.

 

Засега се уште нема реакција од ВМРО-ДПМНЕ или претседателот Мицковски.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.