ВИДЕО – Во Македониоја скоро и да нема мажи воспитувачи или негуватели, над 92% од сите вработени во детските градинки се жени

 

Над 92% од сите вработени во детските градинки во Македонија се жени. Според последните податоци на Заводот за статистика на ниво на држава имаме само 12 мажи воспитувачи или негуватели. Орце Тодороски е директор на градинката во Прилеп и еден од ретките мажи кој веќе 20 години е вработен во една ваква институција. Но тој не е воспитувач, пред да биде директор работел во сметковоство. Во Прилеп нема ниту еден воспитувач или негувател маж. Од 180 вработени во градинките, само 14 се мажи.

 

 

„И претежно се технички персонал, кувари, стражари, котлари. Моментално нема ниту еден маж воспитувач, ниту неговател, ниту логопед, ниту пак дефектолог“, истакна директорот Тодороски.

 

Ниту Тодороски нема конкретно објаснување зошто работата како воспитувач во градинка се смета за „женска“.

 

„Досега сме имале можеби 10 и повеќе конкурси и на ниту еден не конкурирал некој маж за воспитувач или негувател. А додека кога има оглас за котлар или стражар е обратна ситуацијата, таму и жени сакаат да конкурираат“, додаде Тодороски.

 

Според воспитувачките пак можеби пресудно за ова било честото мешање на родителите при изборот на образование на децата.

 

„За жал кај нас се уште во нашите семејства родителите не им даваат потполна слобода на своите деца при определбата на своето понатамошно образование“, рече Елеонора Костоска Јованоска, воспитувач.

 

„Дали ова се должи на традицијата што ја имаме во нашата држава, на стереотипите што ги имаме, останува отворено прашање“, кажа Гордана Бошкоска, воспитувач и раководител.

 

Граѓаните пак велат дека немаат проблем мажи да ги чуваат нивните деца во градинките.

 

„Нема, воопшто не би ми пречело, нема причина за тоа“, вели една граѓанка.

 

„Не сум размислувала за оваа тема, мислам дека не, но незнам“, вели друга граѓанка.

 

„Мислам дека е во ред и мажи да ја работат таа работа во градинките, но незнам зошто кај нас се такви работите“, рече еден граѓанин.

 

Според институтот за економски истражувања и политики Finance Think кој го спроведе ова истражување, а поддржано од Фондацијата отворено општество, иако можеби жениите владеат во овој сектор сепак се уште била забележителна инфериорната позиција на жените на пазарот на трудот.

 

„Жените почесто се вработуваат како неплатени семејни работници и на пониско платени работни позиции, тие земаат пониска плата во однос на своите колеги мажи, почесто се соочуваат со феноменот подвработеност и се подлежни на феноменот плата во плико“, изјави Деспина Туманоска, програмски координатор во Finance think.

 

Но без разлика на родовата поставеност на пазарот на труд според досегашната пракса и традиција работата во градинка кај нас по се изгледа уште долго време ќе се смета за „женска“.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.