ВИДЕО – Макалоска: Инвестициите во училиштата и градинките се влог во нашата младина и иднината на татковината

Инвестициите во инфраструктурата се одвиваат со несмален интензитет, иако сме соочени со глобална пандемија на вирусот Ковид-19. Покрај силното темпо на изградба на улици и патишта, како никогаш досега се реализираат инфраструктурни проекти и во училиштата и градинките. Истакна на денешната прес конференција Гордана Макалоска, портпаролка на ОО СДСМ Прилеп.

 

 

Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.

 

„Во полн ек се одвиваат градежните работи за реконструкција на покривот на Гимназијата „Мирче Ацев“, што е капитална инвестиција на Министерството за образование и наука во вредност од 14.400.000 денари.

 

Реконструкцијата на покривот, е само еден од многуте проекти со кои ги подобруваме условите за настава и работа во прилепската Гимназија. Наскоро започнува и реконструкција на фасадата и промена на дограмата од северната страна на училиштето.

 

Паралелно, во тек се подготовките за почеток на изградба на новата котлара во Гимназијата, која ќе биде прва котлара во општината на гас и нафта, инвестиција вредна преку 100.000 евра.

 

Следува и реконструкција на водоводната и канализационата мрежа, како и асфалтирање на целокупната асфалтна површина во училишниот двор на Гимназијата „Мирче Ацев“, со што ќе се заокружи изградбата на инфраструктурата во ова средно училиште.

 

Вакви градежни зафати во Гимназијата, која е најстарата училишна зграда во општина Прилеп, не се запамтени во последните дваесетина години.

 

Нашите ученици, се нашата иднина. Затоа, вложувањето во услови за подобри училишни денови, за раст и развој на децата и младите, е еден од приоритетите на кои се посвети Владата предводена од СДСМ и локалната власт на чело со градоначалникот Илија Јованоски.

 

Во изминатите двеипол години, реконструирани се санитарни јазли и поставена е нова ПВЦ дограма во повеќето основни и средни училишта, како и во градинките во општина Прилеп.

 

Извршено е реновирање на подови ,ходници ,влезови, реконструкција на училници, уредување на училишни дворови и спортски игралишта во најголемиот дел од нашите образовни институции.

 

Не застануваме тука. Продолжуваме со инвестиции во подобри услови и можности за развој и напредок на децата и младите. Можеме! Уште повеќе, уште подобро“, рече Макалоска.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.