Царовска : Реализацијата на проекти со кои се поттикнува туризмот и се инвестира во спортски објекти е навистина важно за локалната економија на Крушево

 

Заменичката на Претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, придружувани од градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, денес реализираа работна посета на овој град при што извршија увид на тековни и неодамна завршени проекти, кои се реализiраат со поддршка на Владата, Министерството за локална самоуправа и Агенцијата за млади и спорт.

 

Работната посета на Крушево на вицепремиерката Царовска и директорот Каевски започна од месноста „Гумење“, кадешто извршија увид во завршените активности за поставување и уредување на туристички киосци, ја посетија и реконструираната спортска сала, а ги надгледуваа и тековни активности за партнерно уредување околу салата, процеси кои се дел од потпроект „Кругот на адреналинот“, во рамкитена „Проектот за локална и регионална конкурентност“, финансиран од Владата на Република Македонија и Европската Унија, а кој се спроведува со поддршка од Светска банка.

 

Вицепремиерката Царовска посочи дека Владата со реализација на конкретни проекти покажува и докажува дека инвестирањето во локалниот и регионалниот развој е на врвот на приоритетите во програмата за работа.

 

„Реализацијата на проекти со кои се поттикнува туризмот и се инвестира и во спортски објекти е навистина важно за да се придвижи локалната и регионалната економија. Со воспоставување на посебни активности и дополнителни можности за туристите кои го посетуваат Крушево и неговата околина, се овозможуваат дополнителни содржини за туристите освен посетата културните знаменитости, кои ги има многу во овој крај. Со инвестиција од над 28 милиони денари, се изврши комплетно реновирање на спортската сала, но и се направи карпа за искачување и се изврши набавка на возила, со што се овозможува да општина Крушево ја зголеми својата понуда за сите туристи, независно дали се домашни или странски. Нашата држава има одлични туристички локации, коишто треба да ги промовираме и да ги унапредуваме содржините на овие локации, со цел туристите да се чувствуваат поудобно и да поминат подолг временски период на тие места“, потенцираше вицепремиерката Царовска.

 

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, рече дека заедно со вицепремиерката и градоначалалникот на Крушево, за време на посетата, констатирале дека има значителен напредок кога станува збор за изградба на спортската инфраструктура во оваа општина.

 

„Спортската инфраструктура е многу важна, пред се за подигнување на спортските стандарди во нашата држава, но и да ги поттикнеме младите да спортуваат, да ги практикуваат здравите начини на живот. Во овој момент во државата се градат над сто капитални спортски објекти, што претставува една дополнителна вредност, како за спортот, така и за секодневието на сите граѓани во Северна Македонија. Во изминатиот период, во Крушево се случија голем број на спортски меѓународни настани, а верувам дека, со заедничка заложба во периодот кој следи ќе се организираати други уште поголеми, подобри и поквалитетни спортски настани, со што ќе се придонесе за промоција и на спортот и на општина Крушево. Овој град ги исполнува сите услови за организација на големи спортски настани од меѓународен ранк“, нагласи директорот на АМС Каевски.

 

 

Градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, посочи дека проектот „Кругот на адреналинот“, е во завршна фаза, пришто истакна дека со завршување на овој и со другите проекти кои во овој момент се реализираат во овој град, значително се зголемува туристичката, рекреативната и спортската понуда, а тоа значи поголема можност за привлекување на домашни и странски туристи, како и рекреативни и професионални спортисти да го посетат Крушево.

 

Вицепремиерката Царовска, директорот Каевски и градоначалникот Христоски го посетија и спортско рекреативниот центар „Езеро“, кадешто се изградени повеќенаменско и тениски игралишта и е уреден фудбалски стадион со средства од Агенцијата за млади и спорт, а потоа извршија увид во изградбата на полетувалиште за параглајдинг – проект финансиран од Владата на Република Македонија, преку Бирото за рамномерен регионален развој и увид во изградба на објект за параглајдинг центар – проект финансиран од Владата на Република Македонија и општина Крушево.

 

Кабинет на заменичката на Претседателот на Владата на Република Македонија задолжена за економски прашања.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.