ЈОУДГ „Наша иднина”: Продолжени се веќе постоечките договори на дело, нови договори на дело немаме склучено, ВМРО-ДПМНЕ манипулира

Во повеќе наврати претставниците на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ јавно пласираат лажни вести за работењето на ЈОУДГ “Наша иднина”- Прилеп и директорот Орце Тодороски, а со единствена цел да заработат ситни дневно-политички поени во предизборен период. Се вели во денешната реакција на ЈОУДГ “Наша иднина”- Прилеп, по вчерашната прес конференција од страна на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп на која тие најавија поднесување кривична пријава против директорот Тодороски.

 

„Со најголема индигнација ги отфрламе обвинувањата на претставниците на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, дека ЈОУДГ “Наша иднина” извршила нови вработувања во време на вонредната состојба.

 

Како институција, ги поздравуваме одлуките на Владата да бидат задржани постојните работни места, со цел граѓаните што полесно да ги поднесат последиците од кризата која ја наметна вирусот Ковид-19.

 

Во таа насока, ја известуваме јавноста, дека Со Уредба со законска сила на Влада на Република Северна Македонија бр.44-2875/1 од 14.04.2020 година, со анекс се продолжени веќе постоечките Договори за дело, со што е продолжен и ангажаманот на потребниот персонал во детските градинки. Потенцираме, нови договори на дело немаме склучено!

 

Истовремено, со Одлука на Совет на Општина Прилеп бр 09-3472/17од 15.10.2019 година, а врз основа на Законот за локалната самоуправа, имаме добиено согласност за работа на воспитните групи со поголем број на деца во ЈОУДГ “Наша Иднина”- Прилеп во објектите “Бончејца”, “Тризла”, “Гоце Делчев”, “Мирче Ацев” и “Рампо Левката”.

 

Оттука, оправдана е и потребата за зголемен број на вработени, односно за воведување на трето лице за извршување на воспитно образовниот процес, а се’ со цел да се намали листата на чекање за упис во градинките, која моментално изнесува околу 400 деца. За ангажираниот персонал преку договори на дело, обезбедени се средства преку Министерството за труд и социјална политика, за целата 2020 година.

 

Во оваа прилика ги известуваме граѓаните дека ЈОУДГ “Наша иднина”- Прилеп нема да наплаќа за престојот на децата во градинката за чување на место по 510,00 денари за време на вонредната состојба.

 

ЈОУДГ “Наша иднина”- Прилеп и директорот Орце Тодороски работат и ќе продолжат да работат согласно позитивните законски прописи, со цел подобрување на условите за престој на децата во градинките.

 

Да потсетиме, во изминатиот период извршенио се инфраструктурни зафати во сите објекти на детските градинки. Реновирани се тоалетите, поставени се ПВЦ врати и прозорци, нова внатрешна дограма, набавена е опрема за вработените. Градинката „Тризла“ доби целосно нов покрив, а во градинката „Гоце Делчев“ е изградена нова котлара“, велат од ЈОУДГ “Наша иднина”- Прилеп.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.